Нема повеќе сомнежи околу појавувањето на SUV модел кој на носот гордо ќе го носи тризабецотна Нептун. Maserati испраќа на пазарот спортско корисно возило кое ќе се произведува во Америка.

Според информацијата која доаѓа од Maserati, концептот на првиот SUV на марката ќе биде прикажан во Франкфурт, додека сериската верзија би требала да осамне на почетокот на следната година на салонот во Детроит.
Детроит ќе биде и градот каде што ќе се произведува теренецот на Maserati. Тоа е фабриката на Chrysler во која се произведува и новата генерација на Jeep Grand Cherokee чија платформа Maserati ја зема на заем.
Како ќе личи новиот модел на Maserati сеуште не се знае, иако многумина очекуваат дека ќе ги следи линиите прикажани преку концептот Kubang GT Wagon од 2003 година.
Под хауба на спортско корисното возило на Мaserati ќе работи 6.4 литарски V8 HEMI исто така земен на заем од Jeep Grand Cherokee, но не од било кој модел туку од отровниот SRT8.
Идејата на Maserati, поточно на шефот на алијансата, Серџо Маркионе, е да понуди премиум возило кое со себе носи и премиум цена, а чии трошоци за производство не се толку големи.
Секако идејата не е толку нова. Истата ја примени и Porsche со својот SUV, Cayenne кој ја зема на заем платформата од Volkswagen Touareg и се претвори во еден од најуспешните модели на марката.
http://www.vozi.com.mk/vesti/terenecot-na-maserati-kje-bide-amerikanec.html