http://kajgana.com/vaka-izgleda-fiat-punto-2012Вака изгледа Fiat Punto 2012
Текст: Дарко Лазаревски Авто новости | 08 февруари 2012
Fiat ги откри деталите и фотографиите од освеженото Punto кое ќе се најде на пазарот годинава. Освен ситните козметички промени, во понудата ќе се најдат и нови мотори.
Од 1993 година кога за прв пат беше лансирано на пазарот, Punto е продадено во повеќе од 8,5 милиони примероци. Со цел да ја продолжи успешната приказна, Fiat се реши да го освежи возилото.
Според фотографиите кои ги објави Fiat, промените во изгледот на надворешноста се минимални – нова предна маска на ладилникот и нови трепкачи кои се вклопени во браникот. Светлата за магла се поместени повеќе навнатре. Стилските промени завршуваат со нови 15 инчни алуминиумски фелни и три нови бои на каросеријата: Глам рок сина, Тип тап црвена и Блуз сива. Опционално, купувачите ќе можат да одберат и панорамски покрив.
Италијанскиот производител вели дека промени има и во материјалите користени за ентериерот, но и нови мотори. Седиштата се пресвлечени со таканаречените „Sportex“ материјали.
Кај моторите новитет се двоцилиндарскиот 0,9 литарски TwinAir Turbo со 85 кс и 1,3 литарскиот MultiJet 2 дизел со 85 кс.