Тие што хејтаат кампови, можам само да ви кажам дека или не сте доволно опремени, или не кампирате правилно, или не кампирате на правото место.
Ние фамилијарно одиме во камп од кога јас знам за себе, а јас имам 29 години.
Локација: Platanitsi, 3 километри пред Sarti, на средниот крак на Халкидики.
Услови: Струја, вода, простор колку сакаме, плажа на 20 метри од нашата приколица. Сабајле отварам врата од приколица не гледам зграда, не гледам хотел, не гледам улица, не го гледам комшијата. Гледам море. Мир, тишина, опуштеност и незамарање. Нема мирис на асфалт, нема мирис на ѓубре, нема мирис на ништо такво. Има мирис на море, бор и чист воздух.
Приколица со сите потребни услови. WC во самата приколица, монтажна туш кабина пред приколицата, настрешници, сопствена кујна (надвор од приколицата, секако, а има и внатре) и сите потребни додатоци. Плус, во самиот камп на 50 метри од мене има тоалети со туш кабини кои се чистат 3-4 пати на ден. Не е ова Охрид па да се чистат тоалетите првиот понеделник секој втор месец.
Не се замарам со тоа кога треба да одам на ручек. Не се замарам со тоа кога ќе „одам на плажа“ пошто немам потреба да одам на плажа. Плажата ми е на 20-30 метри. Одам, се пуштам у море, се враќам пред приколица, удирам еден туш и читам книга на раат. Нити се замарам со влечкање до плажа со милион торби, лежалки и останати пропратни глупости, нити пак се замарам да дремам на плажа ко мисир во песок цел ден и да вртам гз на лежалка. Одам кога ми се оди, се враќам кога сакам.
Дружењето што го има во камп не може да го има во ниту еден хотел или вила или што и да е. Со комшиите си пиеме кафе кога ни се пие, сите се пријателски настроени, не викаат и ги викаме на ручеци, некој ќе оди по риба, ќе фати малку повеќе па ќе подели по комшиите, па скара вртиме пред приколица, сите тие убави, прекрасни работи.
Камп? Камп е прекрасна работа. Ако си соодветно опремен секако.
p.s. Да, на сонце ни е приколицата. Цело време се отворени прозорите, цело време дува и никогаш не се случило да имаме проблем со „топлотен удар“. Во приколицата имаме еден портабл безшумен вентилатор кој го пуштаме по потреба. Доколку ептен фати припек (а реално, не се случува пошто секогаш има ветерче кое соодветно разладува) можам да се бутнам под туш или да претрчам до плажа и да се бутнам во море.