Незнам дали е прочитано и дали му е местото тука,
http://www.time.mk/read/NONE/ff378486f7/index.htmlНа Партизанска со двесте километри на црвено
Егзибициите на младите возачи се документираат со камера, а најдобрите моменти се ставаат на Интернет на посебни канали, на кои љубителите на брзото возење се фалат со своите подвизи. Скопјани што живеат во зградите покрај Партизанска сведочат за силниот звук што го правел еден млад јавач на силни машини
Возењето бесни автомобили низ скопските булевари е најнов адреналински спорт меѓу младите љубители на високите октани.
Покажување на моќта на машината и способноста на возачот да го држи под контрола автомобилот при брзини до 200 километри на час, на градските сообраќајници се единствените правила во оваа нова забава на младите, која личи на видеоиграта „Нид фор спид“, во која се избира возило и лудо се вози низ улиците на светските метрополи.
Во реалноста кај нас во главната улога се млади момци со спортски и тјунирани автомобили, со зголемена моќност на моторот, дополнителни предни и задни странични браници, нископрофилни спортски гуми и хромирани фелни.
Јуришот по скопските булевари се одвива и дење и ноќе. Егзибициите се документираат со камера, а најдобрите моменти се ставаат на Интернет на посебни канали, на кои љубителите на брзото возење се фалат со своите подвизи.
Она што се случува на улиците на главниот град може да се види на снимката до која дојдовме и на која се гледа лудувањето на скопјанец, не постар од 20 години, со својот тјуниран „форд фокус“. Видеоснимката пред извесно време била поставена на Јутјуб, но за кратко време била тргната.
Неговото опасно шоу почнува со егзибициски маневар на паркингот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“. Автомобилот потоа излегува на булеварот Партизански одреди, а потоа и на реконструираната Илинденска. За неколку секунди стрелката на брзинометарот покажува 200 километри на час. На снимката се гледа булеварот, полн со автомобили, автобуси, мопеди и пешаци, а „форд фокусот“ јуриша низ раскрсниците и не го запираат дури ни црвените светла на семафорите.
На истиот канал може да се види беснеењето на друг негов колега со својот црвен „понтијак солстис“, на паркингот кај маркетот „Веро“ во Тафталиџе. Возачот го свртува автомобилот во место, поминува низ тесниот премин, кај ресторанот на „Мекдоналдс“, а потоа на тесниот просторот на паркингот, пред насобраната публика, прави „дрифтинг“ како под рачна го врти „понтијакот“ во место.
Опасниот спорт минатата година беше многу популарен во Белград, што предизвика голем револт кај жителите на српската престолнина. Сега модата дојде и кај нас. Пред извесно време, во Скопје јавна тајна беа трките со бесни автомобили, кои се одржуваа на булеварот Октомврска револуција, кај „Александар палас“ и на булеварот Србија во Ново Лисиче. Трките се одвиваа ноќно време, а посетителите, освен да ги почувствуваат ‘ржењето на моторите и мирисот на гумите, се обложуваа и кој ќе победи. Скопјани што живеат во зградите покрај Партизанска сведочат за силниот звук што го правел минатото лето еден млад јавач на силни машини во 23 часот секој ден.