– Не можеш да ме казнуваш мене, а да не го казнуваш министерот, директорот или братучед му!
Ќе видиме како ќе биде имплементацијата.
– Не може да има функционални камери во Центар, а да не работат во Чаир!
Има доказ за ова?
– Не можеш да казнуваш во Скопје, а не во Тетово или Куманово!
Има доказ за ова?
– Не можеш да ме казнуваш за непропуштен пешак, кога не го гледам ниту пешачкиот кој не е означен ко што треба, ниту пешакот кој се крие позади дрва што сте ги насадиле на сред пешачки!
100% сум согласен. Очајни ни се состојбите околу пешачките премини. Никаква прегледност нема особено кај што има жардињери.
– Не можеш да ме казнуваш за непрописна брзина кога на некои места не се гледа ни семафорот!
Каква врска има семафорот со твојата непрописна брзина, не ми е јасно.
– Не можеш да бараш ред у сообраќај кога тек у 21 век ќе воведуваш зелен бран за кој се фалиш ко да ќе лансираш ракета у вселена!
Согласен сум 100%
– Не можеш да казнуваш за неправилно престројување додека не ги отстраниш колите паркирани на булевар дур си пијат кафе или си бркаат друга работа у близина
Согласен сум 100%
– Не можеш да казнуваш ако камерите редовно не ги контролираш и одржуваш!
Согласен сум 100%
– Не можеш да казнуваш без толеранција од најмалку 5!
Законска обврска е според метрологија.
– Не можеш да ме казнуваш мене зошто возам 51, а да не го казнуваш оној што од страв се влече ко желка, вози 30 на саат и го кочи цел сообраќај!
Член 27 став (2) Закон за безбедност во сообраќајот
Возачот не смее без оправдана причина да се движи со толку мала брзина со која го попречува нормалното движење на другите возила.
– Не можеш да казнуваш дур не решиш што ќе биде со коли од рента кар и лизинг!
Ова е решено така што во рент-а-кар ќе ти ги земат сите податоци вклучително банкарски информации. Е сега, дали ќе можат да наплатат тоа - не знам. Ќе видиме како ќе го спроведат тоа. Сепак голема главоболка за рент-а-кар компаниите.
– Не можеш да го казнуваш сопственикот на возило кога друг возел со маткање по полициски станици, докажување по судови и потпишување изјави (активирај казна по лик ко у секоја нормална држава)!
Согласен сум 100% АМА 99,999% од луѓето ќе се побунат бидејќи нели им се “нарушува“ приватниот живот. Мада мене ми е глупо, ако сториш прекршок не е тоа важно.
– Не можеш да казнуваш за непрописно паркирање, кога не си обезбедил паркинзи!
Делумно согласен, да потребна е инфраструктура, но тоа не ти дава и за право да паркираш кај што ќе ти текне.
– Не можеш да казнуваш дур не решиш што ќе биде кога ќе има заглавени крстосници или расипани семафори, а народ мора некако да помине!
Делумно согласен. Ќе треба да се научиме како да се движиме во сообраќај.
Ако ти е зелено, а гледаш дека раскрсницата е блокирана, нема потреба да тргнуваш. Ќе почекаш да се растерети раскрсницата.
– Не можеш да казнуваш без сообраќајни знаци!
Согласен сум 100%
– Не можеш да казнуваш се дур не ги разбудиш оние што спијат од Центарот за регулирање гужви у сообраќај у Скопје (ако уопште работи)!
Значи тоа ти дава право да дивееш во сообраќај?!
– Не можеш да ме казнуваш за брзо возење кога колата ми била паркирана пред зграда и не сум ја возел или сум моментално у Германија!
Согласен сум 100%
– Не можеш да пушташ казни по грешка на туѓи броеви само затоа што ти се грешно пишани у евиденција!
Согласен сум 100% - ДУРИ би додал, кога ќе дојдеш на наредна регистрација, треба МВР да ти испрати код по СМС да го потврдиш бројот.
– Не можеш да казнуваш само преку камери, а сообраќајните полицајци како и до сега нигде да ги нема!
Никој никаде не рекол дека нема полицијата нема да казнува со сообраќајни полицајци.
– Не можеш да казнуваш за возење без регистрација и без дозвола, ако цените си ги кренал до небо, да не може нормален човек да си приушти да полага и регистрира возило!
Возењето автомобил е привилегија, а не човеково право.
– Не можеш да ме казнуваш кога зимоска на снегови и голомразици не можам да контролирам брзина заради неисчистени улици и булевари!
Според закон, треба да се прилагодиш спрема условите на патот.
– Не можеш да казнуваш возач само затоа што нема електронска пошта или паметен телефон кој нема пари да си го купи (казни треба да стигаат на домашна адреса – сите ја имаме)!
Ако имаш пари за кола, имаш пари да си купиш телефон на кој може да стигаат СМС пораки.
– Не можеш да ме казнуваш со казна која што е несразмерно висока и поголема или еднаква на мојата минимална плата!
Според мене казните се во ред - сразмерно според прекршокот. Ако не сакаш казна ќе ги почитуваш правилата.
– Не можеш да ми одземеш возило кое ми е во приватна сопственост, под ниту еден услов!
До некаде сум согласен, но повеќе не. Да ти одземат возило си направил многу и сериозни сообраќајни прекрошци со кои директно влијаеш на безбедноста во сообраќајот и животот на луѓето.
Јас дури би ти ја ставил колата под преса, како што е во Австралија.