Никогаш послаб јануари!
Годинешниот јануари е „најслаб“ досега откако се води детална анализа за продажбата на нови возила во Македонија, со 341 возило, но и најава дека годинава ќе биде подеднакво тешка и неизвесна како и претходната. Кризата веројатно тешко „ќе ја избркаме“ од домашниот двор
Ако годината се познава по почетните месеци, тогаш продажбата на нови возила во Македонија повторно ќе има голем пад, а кризата нема лесно да излезе од салоните. Не помагаат веќе ниту попустите и разните поволности. Едноставно луѓето не се решаваат лесно да купат возило, и да потрошат повеќе од она што го заработуваат, чувајќи ги парите за „црни денови“. Банките стануваат се поригорозни, не се одобруваат кредити ако веќе имате нешто со некоја банка, со оглед на постоењето на кредитно биро.
Сите тријат раце ако се појави некој тендер, или некоја фирма реши да купи возила, или да ги изнајми на оперативен лизинг. Авто плацевите се полни со половни возила, чија цена е дополнително падната, па малкумина се решаваат за нов туку повеќе вложуваат во половно возило.
Во јануари годинава се продадени 341 патничко возило, што е 29,84 отсто помалку во однос на јануари 2011 година. Истото се однесува и за комерцијалните возила каде падот е 14 отсто, а сега во јануари се продадени 43 возила. Ова е најслаб јануари последниве осум години откако се води детална статистика за продажбата.