Минатата сабота конечно успеав да ја земам новата Insignia на тест возење. За волја на вистината, сакав да возам караван со дизел мотор, меѓутоа само оваа ја имаа регистрирано како тест-возило, па немав друг избор. Не ми се чекаше друго тест возило, бидејќи навистина сакав да видам што направиле со новата генерација на знаменосецот на Opel.
Несомнено е дека новата Insignia изгледа убаво. Ама онака, прописно убаво… Од кој и да било агол да се набљудува, возилото изгледа атрактивно, складно, свежо и, во мои очи барем, навистина убаво. Според мене, новата Insignia е најубава во својата класа.
Напред се забележува повторно ликот кој го претстави концептот
Buick Avista, и изгледа навистина одлично. Доволно агресивно, а не нападно, доволно едноставно, а не досадно, и доволно убаво, а не шминкерско. На маската повторно е гордо истакнато логото на Opel, додека покрај него, од крај до крај на маската се протегаат „мустачињата“. Горниот дел од предницата го заокружуваат прекрасните светлосни групи кај кои повторно доминираат карактеристичните дизајнерски црти. Во долниот дел од предницата се истакнуваат интегрираниот спојлер, магленките и дискретните хромирани детали. Мускулестата линија која се протега долж хаубата, допринесува кон агресивноста на изгледот.
Профилот на новата Insignia го наметнува мислењето дека се работи за cruiser - односно, за возило кое е наменето да џвака километри при долготрајни патувања, без тоа да претставува товар за возачот и патниците. Нискиот агол на предниот ветробран, под рака со нискиот спуштачки лак кон задниот „Ц“ столб, прават Insignia да изгледа пониска од што е. Дизајнерскиот потег забележлив на задниот столб е своевиден поздрав до (или позајмица од) колегите од Минхен. Преку вратите се протегаат неколку носечки линии, кои можеби делуваат за нијанса предизајнирано. Секако не би сакал да сум му во кожа на мајсторот кој ќе поправа вдлабнатини на вратите, зошто ќе има навистина многу работа. Како и да е, дизајнерската приказна за Insignia наметната од предницата, успешно се протега понатаму, на патот кон задницата.
Таму пречекуваат убаво профилираната задна врата, одлично интегрираното трето стоп светло и големите, растегнати задни светлосни групи, кои повторно гордо го истакнуваат визуелниот симбол на Opel. Отворот на задната врата страда поради силниот дизајнерски јазик, меѓутоа не ретко тоа е цената која мора да се плати. Севкупно гледано, задниот дел на новата Insignia најмалку фасцинира, во однос на профилот и особено во однос на предницата. Не дека не е убав или дека е досаден, туку едноставно, кај него „Уау!“ моментот е најслаб.
Отворањето на вратата е проследено со изненадувачко и одобрувачко „Хмммм“, бидејќи веднаш е забележлив степенот на „созревање“ на новата Insignia. Целиот кокпит изгледа доста фино, елегантно, рафинирано и убаво. Потсечениот волан, алуминиумските педали и наклонетоста на централната конзола кон возачот го истакнуваат „Спорт“ моментот во „Гранд Спорт“. Од друга страна, феноменалните седишта со одлична странична поддршка и самото седење го истакнуваат моментот дека се работи за крузер на долги патеки. Поделената личност на Insignia дополнително се истакнува со инструментите на дисплејот на инструмент таблата кои може да се нагодат во “Sport” и “Tour” изглед. Одличен, информативен и функционален е дисплејот кој се отсликува на предниот ветробран, односно, таканаречениот Head-Up Display. Преку него се добиваат информации за брзината со која се вози, ограничувањата за брзина, состојбата на темпоматот или лимитерот, следењето на коловозните ленти и следењето на растојанието до возилото од напред.
Електронската инструмент табла понекогаш е непрегледна бидејќи може да понуди премногу информации во даден момент и да го одвлече вниманието на возачот. Ергономијата е на високо ниво, бидејќи контролите се лесно достапни и интуитивни. Единствено палките позади воланот делуваат како да се позајмени од некој од поевтините модели на Opel, па малку го нарушуваат севкупниот впечаток. Лесно се наоѓа идеалната седечка позиција, иако апсолутно е несфатливо, како и зошто луѓето од Opel не се потрудиле да стават контроли за електрично нагодување на седиштата. Вакво возило, чија внатрешност плени со рафинираност и квалитет, да има „тркалце“ за нагодување на наслонот на седиштето, е едноставно неприфатливо. На задната клупа има доволно простор за „ширење“ и има одлична понуда на простор за нозете и колената. Како и да е, спуштачката линија на кровот го ограничува просторот за глава, особено кај повисоките патници.
Време е да ја повозам колава, доста ја гледав
Прв впечаток - „Најсссс!“
Втор впечаток - „НАААААЈЈЈСССС!!“
Речиси невозможно е да се опише, колкав ли само напредок има помеѓу две генерации на истиот модел. Со оглед на тоа што можам директно да ги споредам оригиналната Insignia, нејзиниот фејслифт и актуелниот, нов модел, би рекол дека фејслифтот беше гоооолем напредок во однос на оригиналната, додека новиов модел е ОГРОМЕН напредок во однос на фејслифтот на првата генерација. Седењето е феноменално, комфорно, ниско, прекрасно. Понекогаш, во тесни улички дури треба човек да се подисправи малку, особено ако се движи кон десно, бидејќи поради ниското седење, страда прегледноста во предниот-десен дел. Прегледноста за возење наназад е подобрена со големите надворешни ретровизори и камерата, особено бидејќи погледот низ средниот ретровизор е многу ограничен.
Моторот, менувачот и подвозјето се навистина одлично нагодени. Бев скептик за нисколитражен турбо-бензинец под хауба на толкава кола (особено поради 1.4 турбо-бензинецот во претходната генерација кој се чини дека едвај успева да го помести возилото), меѓутоа искуството со 1.2 трицилиндарецот во Grandland X ме натера да размислувам поинаку. Моторот одлично и сосема способно се носи со габаритот на Insignia, менувачот е прецизен и со краток од, додека подвозјето одлично лежи и на автопат, и низ кривулјави патчиња. Звучната изолација е на врвно ниво, баш како што доликува на еден крузер. Моторот не е толку „живчан“ и „нервозен“ како тој кај
Grandland X (од групацијата РЅА), но далеку од тоа дека е анемичен или неспособен. Потрошувачката не би можел да ја коментирам, поради краткотрајноста на тестот.
Новата Insignia доби 5 ѕвездички на краш-тестот на EuroNCAP, не само поради цврстата изработка туку и поради мноштвото електронски помагала кои се присутни кај нејзе. Листата на опрема на тест возилото ја сочинуваат:
- Профилирани седишта
- Сет за поправка на гума
- Solar Protect глазура за заштита од сонце
- Keyless систем
- Едно чудо воздушни перничиња
- Амбиентално осветлување
- ESP+
- Navi 900 Intellilink мултимедијален систем со навигација
- темпомат/лимитер
- старт/стоп систем
- Електрична паркинг кочница
- Алуминиумски педали
- Електрика на сите прозори
- Интелигентни предни светла со ЛЕД
- Opel OnStar
- Blind Spot Assistant
- Hill Start Assistant
- 8“ дисплеј во инструмент таблата
- Opel Eye камера (читање на сообраќајни знаци, следење на коловозни ленти и следење на растојание до возилото напред)
- Автоматска двозонска клима
- Греење на преден ветробран
- Head-Up Display
- Итн.
На крајот, би сакал да кажам дека, како пакет (изглед, квалитет, завршна обработка, мотор, менувач, подвозје, емоции), новата Opel Insignia (или барем оваа што ја возев) е одлично возило, со малубројни, чудни и нелогични недостатоци, кои со задоволство би ги помножил со 0, бидејќи се „ситна боранија“ во однос на целокупниот пакет. Со задоволство би ја поседувал во караван изведба.
Цената на тест возилото Opel Insignia Grand Sport Dynamic 1.5 DIT, 121 KW (165 HP) во локалниот салон за Opel е 31580 Евра (оригиналната цена била 38815 Евра).
Албум со сликиКратко клипче од вожњата, направено на брзинка.