Не ја заврши втората трка поради оштетување на возилото.
Тоа е што е, нови искуства, фаза на учење. За жал конкурентите илјадници километри имаат поминато во тестирање, додека Иџе има доста помала километража. Се надеваме на добри резултати на Нирбургринг.

Од Братислава за „Дерби“,
Александар Табаковски
Трката на „Словакија ринг“ беше оптимистички очекувана во таборот на македонскиот возач Игор Стефановски – Иџе, пред се поради добрите резултати на тестирањата во подготвителниот период, но наместо тоа повторно технички проблеми и нови судири со противниците го спречија европскиот шампион на ридски патеки да заблеска во новата конкуренција.
Стефановски беше видно разочаран од расплетот, но машки најави дека ја презема вината и дека „ќе сврти нов лист“, за да успее да го оствари она по што е дојден во ЕТСС серијата.
ДЕРБИ: Со која позитивна мисла заминуваш од Братислава?– Побогати сме за едно ново искуство и за едно знаење – како не треба да се прават некои работи! Комплетно ја преземам одговорноста за сударите, во два наврати ми се случи истата работа, едноставно овие сопирачки кои ги имам не издржаа при доцно сопирање, дојде до пролизгување и удар. Двете трки ги „загубив“ на ист начин, а немам некое објаснување зошто се случи така. Гледано од страна сите велат дека притисокот и очекувањата се големи, но мене ми се чини дека некако се ми се случува премногу брзо и немам можност да научам се на време. Не го негирам притисокот, тој е тука во мојата глава, и ќе мора да научам да се справувам со него на подобар начин. На некој начин, се ова е едно ново учење за мене.
ДЕРБИ: Дали имаш реакции од тимот, можеби сега ќе следува притисок од тимот кој те ангажираше со верба во твоите способности?– Сопственикот на тимот ми рече дека нема да дозволи нешто да ни застане на патот и не ми дозволи ни самиот да се обвинувам. И тој е свесен дека постои извесно неискуство од моја страна во овие трки, па дури и ми најави дека заради тренинг ќе ме пријави во ЦЕЗ шампионатот на кружни патеки, каде што по две седмици има трка во Будимпешта на Хунгароринг“. Колку повеќе километри и тренинг за мене, толку подобро. Ова е врвот на европските трки, а јас влегов неподготвен, оптоварен со обврски.
ДЕРБИ: Како гледаш ти самиот на она што претстои во ЕТСС, има цел месец пауза до третата трка на Нирбургринг?Од разговорот со луѓето во тимот добив впечаток дека на некој начин ќе ми биде полесно на таа трка, бидејќи тоа не е класичен автодром и ќе им биде потешко на другите. Тоа е патека која пред многу години се користела за Формула 1, а еден круг има преку 20 километри. Ќе се возат само 3 круга што е доволно за да се направи цензусот доволен за една трка. Повеќе ќе наликува како возење на ридски патеки, со сите тие остри свиоци и стар асфалт. Ќе биде потребно дотогаш да ја „средам“ сопствената глава и да се опуштам. Полошо од ова не може да биде. Имам поддршка од тимот и се надевам дека конечно ќе бидеме перфектни.