Член 384
(1) Кога полицискиот службеник ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со овој
закон е предвидено издавање на прекршочен платен налог, веднаш ќе издаде прекршочен
платен налог.
(2) Прекршочниот платен налог содржи лично име, адреса и единствен матичен број на
граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице,
назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната
квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна
поука, а може и други податоци во согласност со закон.
(3) Полицискиот службеник во прекршочниот платен налог изрекува глоба во износ
пропишан за прекршокот со овој закон.
(4) По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен
да ја плати глобата изречена согласно ставот (1) на овој член, во рок од осум дена од
приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.
(5) Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член, ќе плати
половина од изречената глоба и веднаш е должен со истиот да приложи банкарска или
поштенска уплатница за извршената уплата на уплатна сметка во рамките на Трезорската
сметка до полициската станица, односно полициското одделение кој го издал
прекршочниот платен налог или во најблиската полициска станица, односно полициско
одделение или на друг начин пропишан со посебен пропис, за кое право се поучува во
правната поука.
(6) Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат
трошоци на постапката.
(7) Сторителот којшто со заминувањето заради престој во странство би можел да го
одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со
прекршочниот платен налог.
(8 ) Ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член, полицискиот
службеник поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд,
односно прекршочен орган.