Граѓани велат дека неколку денови на Партизанска наместо зелен бран, секој втор семафор им свети црвено, па само прават тргни-застани. Од Град Скопје појаснуваат дека по пуштањето во употреба на смарт центарот семафорската сигнализација ќе се раководи врз основа на реалната состојба на сообраќајниците
Зелениот бран на булеварот "Партизански одреди" ги збуни возачите кои поминуваат по оваа сообраќајница. Веќе неколку денови наместо да им се отвораат сите семафори на зелено, тие само што ќе тргнат, а веќе вториот семафор им се затвора во црвено, па се принудени постојано да прават тргни-застани. До редакцијата на ВЕЧЕР се обрати жител на Сарај кој како што вели секој ден вози по Партизанска за да стигне на работа во Македонската опера и балет.
- Тргнувам од Сарај за накај работа доаѓам по Партизанска, а за натаму си одам по Илинденска. Од никаде немам аир затоа што кога ќе тргнам по Партизанска секој втор семафор наместо да се отвора тој ми се затвора. Зелен појас не постои. Возењето по Илинденска до Воена болница е проблем потоа натаму се отвораат семафорите се до телевизија, таму се подесени. Некогаш ми се случува и двапати на ден да одам до дома и чекам на семафори, трошам гориво и време. Кога имаше зелен појас тогаш за 10-15 минути стигнував и ми одговараше, но сега ме фаќа повеќе од половина час. Ги гледам и пешаците нема кола, а тие мора да чекаат. И пред да се воведе зелениот бран улицата беше порастеретена, тогаш пешачкиот премин не ни претставуваше проблем ако нема пешаци ние можевме да си поминеме, можеби за пешаците треба да воведат копчиња, вели Димче Ангеловски.
Иако таблата дека на Партизанска има зелен бран се уште не е тргната, од Град Скопје појаснуваат дека со пуштање во употреба на Центарот за контрола и управување на сообраќајот и на овој булевар во функција е ставен смарт контролинг системот кој всушност значи регулирање на сообраќајот според гужвата.
- Системот во моментов врши прилагодување на софтверските податоци со реалната состојба на сообраќајот, при што семафорската сигнализација ќе се раководи врз основа на реалната состојба на сообраќајниците. Истото се однесува и на булеварите Партизански одреди и Илинденска. Мора да нагласиме дека системот во централното градско подрачје е функционален и видно се намалени гужвите на овие крстосници и се очекува во многу скоро време целосно да профункционира централното управување на сообраќајот, велат од Градот.
Со воведување на смарт контролинг системот засега позитивни промени почувствуваа пешаците, кои добија повеќе време за поминување на пешачки.
извор
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=D2DD081B663AD74DA6027315F116E1D0