Новите европски регистарски таблички ќе почнат да се изработуваат и издаваат од средината на февруари оваа година, дознаваме од полициски извори.
Минатата недела е завршена второстепенета постапка од тендерската процедура, односно разгледувањето на жалбите од фирмите што аплицирале, но не биле избрани. Останува уште формалното потпишување на договорот со фирмата што ќе ги изработува новите таблички.
Европските таблички ќе ги изработува истата фирма што и досега имаше договор со МВР за правење на табличките со кои сега се вози по патиштата низ земјава.
Возачите што имаат стари, сé уште важечки таблички, немаат обврска да ги менуваат со новите европски, со цел, како што објаснија од МВР, финансиски да не се преоптоваруваат граѓаните. Така, замената е по желба, а оние што по средината на февруари ќе ги регистрираат своите возила ќе добијат нови таблички.
- Не се очекува да има зголемување на цената и таа ќе се движи околу 20 евра, како што беше и досега. Изработката треба да почне кон средината на февруари, бидејќи, според предвидувања, дотогаш треба да бидат издадени старите таблички, кои сé уште ги има како резерва - велат нашите извори.
Сé уште не е дефинирано колку ќе чинат табличките со називи што ќе ги изберат сопствениците на автомобилите, а кои би се состоеле од комбинација од бројки и букви.
Во Министерството за внатрешни работи прават процени која би била разумната цена што би можеле да ја платат заинтересираните лица. Едно е сигурно, фраерските таблички ќе бидат поскапи од обичните.
Овој луксуз во некои од земјите во регионот што веќе имаат воведено нови таблички чини околу 1.000 евра.
Цената на регистарските таблички по избор во Хрватска изнесува 6.720 куни или деветстотини евра, а комбинацијата на букви и бројки по желба што им се нуди на возачите во Србија е 80.000 динари (околу 800 евра).
Во некои земји, како Русија на пример, цената што се плаќа за регистарска табличка достигнува фантастична цена. Таму се бројат петцифрени суми во евра за ваква табличка, но руските тајкуни воопшто не се мислат кога сакаат на овој начин да ги истакнат својот статус и моќ пред обичните смртници.
Новите македонски регистарски таблички ќе содржат многу заштитни знаци за да се спречи нивна злоупотреба или фалсификување. Натписот нема да биде видлив со голо око, а ќе биде поставена на ОВД-хромирана лента долга 12 милиметри, а широка пет милиметри. Тие ќе содржат и ОВД-холограм, во повеќе бои во форма на круг, со пречник од 29 милиметри, со впишана национална ознака МК.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=19121022464&id=12&setIzdanie=22475