И да се укине ЗЕЛЕНИОТ КАРТОН
Возењето во странство ќе остане скапо
Осигурителните компании се согласни да се укине зелениот картон, но за сметка на тоа да се воведе единствена премија за осигурување на автомобилска одговорност, која би имала повисока цена
Зелениот картон може да се укине или неговата цена да биде симболична, но да поскапи осигурувањето за автоодговорност, која ќе биде единствена за сите возачи. Ваков е ставот на осигурителните компании, по изборните најави на Владата дека документот неопходен за патување во странство со возило ќе поевтини за 30 отсто. Тоа значи дека регистрацијата на автомобилите секоја година сите сопственици на автомобили ќе ги чини повеќе, без разлика дали патуваат во странство или не.
Осигурителните компании велат дека досега не добиле конкретен предлог и покрај предизборното ветување на министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески дека на првата владина седница по изборите, зелениот картон ќе поевтини за 30 отсто.
- Немаме конкретни најави и предлози за поевтинување. Се надевам дека во блиска иднина надлежните институции во соработка со нас ќе успеат да најдат баланс. Тоа значи солидарноста да се подели така што цената на зелениот картон ќе биде само оперативен трошок за хартија или, пак, ќе се дава бесплатно, а да се зголеми автоодговорноста - изјави Драган Лазаревски, директор на Друштвото за неживотно осигурување на „Кроација осигурување АД Скопје“ , на вчерашното одбележувањето на двегодишнината од работењето на осигурителната компанија.
Солидарен систем
Според Лазаревски, компаниите подолго време го анализираат осигурителниот пазар за да се добијат соодветни цени за автоодговорноста и за зелениот картон. Но, тој напоменува дека при носењето одлуки за зелениот картон државата ги зема предвид и деловните потреби и можности на осигурителните компании. Односно, секое задирање во масата на премија, особено на техничката премија, може да предизвика и одредени нарушувања.
Лазаревски истакна дека постои убедување оти и во Македонија зелениот картон треба бесплатно да се подига со полисата за автоодговорност. Но, со тоа се отвора прашањето за цената на автоодговорноста. Лазаревски објасни дека прашањето за зелениот картон порано беше уредено со солидарен систем. Односно, секој што патуваше во странство, со основната полиса за автоодговорност бесплатно набавуваше и зелен картон.
Дополнителна премија
Меѓутоа, со формирањето национални пазари за осигурување се наметна политика за зелен картон да плаќаат само тие што патуваат во странство.
- Тоа е неприродно нарушување на принципот на солидарност кој подразбира сите учесници во сообраќајот, без разлика дали патуваат во странство, да партиципираат во можната нивна одговорност ако нанесат штета на трети лица во друга земја - рече Лазаревски.
„Дневник“ неодамна објави дека осигурителните компании размислуваат за укинување на зелениот картон, но во моментов бараат начин како тоа да го изведат. Еден од начините што се спомнуваа во јавноста е да се прифати дополнителна премија за секое возило што ќе се регистрира. За сметка на тоа, сите регистрирани возила ќе може да минуваат граница без дополнителен зелен картон. Од Националното биро за осигурување за „Дневник“ тогаш потврдија дека се размислува за укинување на зелениот картон, но не сакаа да дадат дополнителни информации. Според објаснувањето од Националното биро, цената на зелените картони кај нас е меѓу поскапите во регионот бидејќи Македонија нема единствена премија за осигурување на автомобилска одговорност.
Даница ТУНТЕВСКА