^^
Зарем е можно некој да е толку наивен?
Всушност и не толку чудно, многу ве има - па од каде толку волна, ако нема овци за шишање... Само сепак секогаш одново се вчудоневидувам како е можно да има толку многу наивни луѓе.
На лаичко ниво еве да речеме, не сакам да навлегувам толку. Ме интересира кои се опасностите, претпоставував дека имаш пишано некаде ама премногу страни има темава и не ја следам баш.
Пред се, пред да се разговара за опасностите и за да се разберат истите - мора да се прави разлика меѓу методите. Вертикален трансфер на гени е метод кој човекот го употребува од памтивек. Се нарекува вертикален затоа што гените се пренесуваат од родител на потомство... вертикално надолу. Модификацијата се извршува така што се избираат кои примероци ќе имаат потомство, на пример ако се работи за овци - ако за размножување се бираат тие овци кои даваат најмногу млеко, после повеќе генерации ќе се добијат овци кои даваат повеќе млеко.
Гуглај генетска селекција за повеќе информации за методот со вертикален трансфер на гени кој го употребува човекот. Или гуглај за природната селекција, за природниот процес на еволуција на организмите. И во двата се работи за процес/метод на вертикален трансфер на гени.
Хоризонтален трансфер на гени, е метод со кој размената на генетски материјал се одвива помеѓу
целосно различни организми. На пример меѓу патлиџан и риба. Тоа е можно само преку генетски инжинеринг, кога со генетски сплајсинг директно се манупулира ДНК спиралата на „домаќинскиот“ организам преку вадење на делови и нивно менување со делови од ДНК спиралата на организмот кој поседува некои посакувани карактеристики.
Разликата помеѓу тие два метода е
огромна. Вертикален трансфер на гени се одвива природно од почетокот на животот и сето тоа (очигледно) функционира. Хоризонтален трансфер на гени, е нешто сосема ново, и засега едноставно науката сеуште не ги знае ни одблиску сите аспекти на генетиката - надмено и претенциозно е да се претпостави дека целата работа е само „плукни залепи“, зошто којзнае какви се генетски информации не се пренесуваат, покрај тие посакуваните.
Најпосле работата е опасна не најмалку и затоа што добиениот организам е сосема нов организам, кој кога е внесен како храна, нашиот сопствен организам не го препознава како позната материја и често реагира со зголемена и непотребна(?) активност на имуниот систем - нешто што често и докажано предизвикува автоимуни болести.
Генетиката е сеуште нова наука, и надмено е да се претпоставува дека ги знаеме сите одговори.
Затоа кога прашуваш кои се опасностите од исхрана со ГМО, едноставен и
искрен одговор не е можен. Но постојат научни студии кои покажуваат дека навистина се извесни автоимуни болести, а како последици од нив и разни компликации (разни канцери се само некои од можностите). Се работи за студии за кои имаме пишувано наназад на темава, на пример студиите на Пузтај, Сералини, други... Потоа разни студии за штетноста на хербицидите кои доаѓаат заедно со ГМ посевите (нема толку пестициди, ама затоа има огромни количини хербициди), итн, итн.
Заедничко за сите овие студии е тоа што нивните автори по објавувањето се мета на лични напади, блатантен ад хоминем врз нивните личности.
„Научниот консенсуз“ ги одбива сите докази кои одат на штета на интересите на индустријата. Се поставуваат бројни бирократски сопки. Како на пример студијата со глувците кои биле хранети со ГМО компир, демек не биле одбрани соодветни глувци (?), демек диетата не им била доволно разновидна (демек ГМО е побезбедно ако се јаде во помали проценти од вкупната исхрана), и така натаму милион разни други бирократски пречки за таквите студии да се отфрлат - иако се изведувани според научен метод, нивниот проблем е што одат против интересите на ГМО индустријата.
Во исто време, студиите кои се прифаќаат (и патем, кажуваат дека ГМО се безбедни за исхрана) се одвиваат по многу поприфатливи услови - на пример се прифаќаат студии за исхрана со одреден ГМ посев која трае два три месеци, а се знае дека опасноста е во долгорочните последици (зборуваме за години, а не месеци). Естаблишментот ги контролира механизмите за поставување на правилата и со тоа, механизмите за процена на научните студии. Со тоа е затворен кругот (така)наречен „научен консенсуз“.
Заклучокот е тој дека на ова ниво на развојот на генетиката, никако не можеме да знаеме какви се ќе бидат последиците од човечка исхрана со ГМО. Наспроти тоа убедувањата од индустријата се дека ГМО се безбедни, но реалноста е дека никој не може да го знае тоа и таквите тврдења се недокажани, претенциозни и неодговорни. Најпосле целта на индустријата е профитот, не здравјето на човечката популација.
Сето ова е еден огромен експеримент, во кој учествува целото човештво - и (повеќето)
не по сопствен избор.
Паметен човек, нема да го ризикува сопственото и здравјето на блиските. Секако не на верба и на збор на индустријата која безброј пати до сега е докажано дека е бескрупулозна, коруптирачка, и дека нешто за што најмалку се грижи - е здравјето на луѓето. Добар пример (од многуте) е примерот со пестицидот ДДТ, за кој индустријата не убедуваше дека е целосно безбеден за луѓето - нешто што подоцна беше докажано за лажно и неточно, но во меѓувреме индустријата заработи цело богатство на сметка на страдањата на неброени луѓе.
Најпосле, професорот Сузуки сето ова го кажува многу елоквентно и лесно за разбирање. Секако подобро од мене, одвои 15тина минути колку што трае делот за ГМО, и послушај го:
https://youtu.be/1hKdmQMVJ70?t=2094