Денес го повозев Suzuki Jimny - излегов од него со насмевка, сакав да го земам на неколку дена да не излезам од него. Феноменално возилце!
Комично делува на почеток, како да возиш играчка/багерче, високо и исправено се седи а воланот доаѓа под чуден агол, таков е и дизајнот внатре, не делува како да може да вози offroad а тоа шишка без проблем.
На улица лесно за возење, воланот не е прецизен, спор е ама лесно се дозира, прегледност одлична, сите ќошиња се гледаат, седиштата се како во комбе можда нијанса помеки, мењачот изненадувачки краток и прецизен, моторчето весело реагира и воопшто не делува слабо низ сообраќај и на терен. Дупки, легнати џандари, ивичњаци = песна, ќе се пољуља малце и толку.
Имав прилика да го пробам малку и на терен, ништо спектакуларно како по карпи качување ама не беше ни за потценување. По патот за накај метео центар (ветер и магла) има на брдото (зајчев рид) мала патека направено баш како за теренци со препреки со брдца со бразди, ја извозев цела без никаков проблем со 0 познавање за Offroad и мака, само прочитав во упатството да знам како да уклучам 4х4. Hill descent ок си работеше, 4х4 исто, неколку места намерно ги поминав лошо да видам како работи со тркало во вис, тргнување од место, само гас и шишка, нема гајле, додуша сува земја, немаше вода/кал/мраз/снег.
Опремата и во основното ниво би рекол дека е повеќе од доволна, ама повисокото ниво е баш онака топтан, кога би купувал така би го нарачал. Уште не ги разбирам зошто вградуваат прозори со рачни команди, не да го кликнеш еднаш и прозорот да се отвори/затвори целосно туку мора да држиш на копчето, толку ли е скапо тоа да се стави? Возачкиот прозор автоматски, совозачкиот мора да држиш, глупости.
Како и да е кој има шанса препорачувам да го проба особено ако ви треба теренец, ептен е забавно и има посебен шмек.