Колку возачи толку приказни, кажуваат вработените на тетовската патарина, онаа што е на автопатот кон Гостивар. Ги псујат, им викаат и им се закануваат. Многу пати им вадат и пиштоли
Нема, велат, се чини ден, а некој да не си појде дома помодрен од ќотек. Последниот инцидент беше пред само два-три дена кога возач на „ауди“ сакал да помине без да плати, а инкасантот да го спречи во намерата и ја спуштил рампата што паднала врз покривот од автомобилот. Лут поради тоа што му било оштетено возилото, возачот го нападнал инкасантот удирајќи го со тупаница по лицето. Вакви настани таму не се реткост. Ништо побезбедни, пак, не се ниту оние што работат на наплатната кај Гостивар.
-Честопати, запираат и дрско ни наредуваат да ја кренеме рампата за да поминат. Ни се закануваат, не псујат и не навредуваат. Во таква една ситуација приморани сме да постапиме според нивните упатства затоа што никој не нé заштитува. Не вреди за дваесетина денари да изгубиме глава. Не ни преостанува друго освен да ја запишеме регистерската табличка и да пријавиме во полиција, вели Зоран, вработен на тетовската патарина.
Но поради стравот од освета, според соговорникот, и пријавувањето во полиција и тој и колегите многу ретко го прават.
- Ако кажеш дека некој не платил патарина мораш да ги оставиш генералиите и да се појавиш во суд доколку му биде напишана прекршочна пријава за таа работа. Тогаш станува уште полоша работата, објасни Зоран.
Безбедноста на инкасантите понекогаш е загрозена и поради постапки на возачите, кои не се директно насочени кон нив. Тоа пред сé се случува поради неприспособената брзина. Под дејство на алкохол или дрога „летаат“ по автопатот. Возачите некогаш и доцна се сеќаваат дека мораат да запрат на наплатната. Во април годинава на гостиварската патарина автомобил удри во ѕидот среде коловозните ленти, се сврти неколку пати и запре на неколку сантиметри пред самата кабина, каде што се вработените. Совозачот загина, возачот беше повреден, а нималку добро не ќе поминеше и инкасантот доколку возилото удреше во кабината.
- Беше чинам во јули минатата година кога камионџија удри директно во кабината. За среќа во неа немаше никој, оти колегата извесно време пред тоа појде на пауза, ни раскажуваше Идриз, од патарината во Гостивар.
Сé прават, објаснуваше Идриз, само да не дадат дваесет денари. Како да им е сеедно и ако си го оштетат автомобилот. Се „лепат“ еден зад друг и во моментот кога ќе ја кренете рампата за оној што платил, „шверцерот“ го користи моментот за и тој да помине.
- Честопати се трудат да поминат без да платат и лажно претставувајќи се како полицајци, старешини во АРМ или дека се божем вработени во институција што е ослободена од патарина. Кусо ќе прикажат беџ и со намќорест поглед бараат да им ја кренете рампата. Во спротивно веднаш се подготвени „за акција“ - вели Идриз
Автор: Александар Самарџиев