Автор Тема: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава  (Прочитано 3393 пати)

Отсутен MartinAlfista

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 17780
  • Alfa Romeo Corruption 1.4 Turbo
Со оглед на тоа дека денеска станав во 08:00 без никоја битна причина, и сега немам што да правам, моето неколкудневно истражување околу овие автомобили ќе го преточам во еден пост кој би требало да помогне на идните купувачи на половна Xantia.


Прво, накратко за самиот автомобил:
Се произведува од 1993 година па се до 2001, и во тој период (1998) добива еден фејслифт. Произведени се над 1.2 милиони примероци (има надеж за половни делови :D). Наследничка е на Citroen BX а претходничка на C5.

Нешто повеќе за: хидропнеуматска суспензија и самонивелирачка суспензија.

Како позитиви од марката и моделот може да се извлечат:
  • типичниот француски комфорт, благодарение на хидропнеуматичката суспензија;
  • пространоста на самото возило (народски познато како автомобил со тросед и две фотелји наместо ентериер;
  • самиот дизајн на возилото, кој во 1993 бил солиден и релативно напреден во споредба со конкуренцијата.

Како негативи, би ги издвоил:
  • истата хидропнеуматичка суспензија, или поточно негрижата на претходните сопственици за истата;
  • конзервативниот дизајн на централната конзола;
  • според HonestJohn.co.uk, 1.8 моторот е најлош за оваа каросерија, со недостиг на торк во низок режим на вртежи и висока потрошувачка заради истата причина;
  • недостатокот на технички потковани механичари за дијагностика на самиот хидрауличен систем.

Сега, за оние работи на кои треба да се внимава при купување на Citroen Xantia.

Екстериер

- Шасијата, дизајнирана од Бертоне, е галванизирана и корозија и ’рѓа не би требало да е проблем. Доколку забележите формирање на корозија на некој дел од каросеријата, морално е пред купување да го проверите возилото на рампа дали истата корозија ја има и на други места на самата шасија.
- Како и кај секое друго возило, внимавајте на знаци на претходна штета од сообраќајни незгоди. Доколку вашето око не е тренирано за да препознава такви работи, побарајте помош од човек кој професионално се занимава со автолакерски услуги.
- Проверете ги сите стаклени површини на автомобилот и осигурајте се дека ги носат истите сериски броеви и ознаки за година на производство.
- Задните светлосни групи во моделите од 1993-1997/98 се склони кон бледнеење од сонце. Полирање го решава проблемот.
- Доколку се работи за караван, неизбежно проверете го теписонот во багажниот простор и позади задните седишта за влага или дисколорација во споредба со другите делови од колата. Кај караваните познат проблем е протекување на вода од покрај задните светлосни групи или пак непрописно составување на механизмот за брисачот на задното стакло при претходно вадење.

Ентериер

- Кај ентериерот, освен француската електрика, други проблеми и не се често очекувани.
- Моторите за предните прозорци се проблем кој би можел да се очекува, па затоа при тестирање на возилото, осигурајте се дека прозорците се спуштаат и се креваат целосно.
- Како и кај секое возило, притиснете го секое копче и завртете го секое тркалце. Доколку откриете дека нешто не функционира, може да се користи како снижувач на побараната цена.

Механика

- Како што и претпоставуваме, НАЈВАЖНАТА област за проверка кај секоја Xantia е токму хидропнеуматичката суспензија и целосно, хидрауличниот систем. Како наједноставен начин за изведување на хидропнеуматичка суспензија, француските инжињери го сметале начинот сопирачкиот систем, серво управувањето и самата суспензија да бидат дел од еден затворен систем кој додека се е во ред, треба да биде под висок притисок додека моторот работи.
Ваша должност како купувач на возилото е детално да проверите како функционира овој систем.
Би се движеле по следниов редослед:

  • отворете го резервоарот за LHM хидраулично масло (крвта на секоја Xantia) и обрнете внимание на бојата на самата течност. Доколку течноста е светло зелена, неон зелена, тоа е индикатор за скоро менувано масло, а и (би требало) здрав хидрауличен систем во иднина. Доколку течноста е темно кафена, или некоја друга нијанса освен светло зелена, тоа е знак за недоволна грижа од сопственикот, која подоцна може да резултира со остарување и губење на функцијата на разни заптивни гумички во самиот систем - и масивни протекувања на LHM масло. *Паркирајте го возилото на терен кој сметате дека лесно би покажал протекување на течности. Оставете го возилото да работи, доколку се појави протекување на масло, пронајдете го изворот. Може да биде ефтина поправка од само една гумичка, но може да биде и скапа.
  • тестирајте го воланот во место, при градско возење и на брзини поголеми од 100 км/ч. Леснотијата при вртење треба да се губи како што се зголемува брзината на возилото.
  • 1. Тест на суспензијата се врши на следниот начин: се стартува моторот, и се чека системот да дојде под притисок, со што висината на автомобилот треба да се подигне на средно ниво. Потоа, поместувајте го самиот контролер помеѓу најниското и највисокото ниво и следете ги одвивањата на настаните. Доколку автомобилот ги следи наредбите на контролерот, хидрауличниот систем е здрав. Доколку предниот или задниот дел од автомобилот не се движат, тогаш проблемот треба да се бара во сферите (кугли, бомби или слично). Според искуството на TE-EN, сферите ги има во повеќе изведби, како OEM дел или како заменски, нормално со соодветна цена која се движи меѓу 25 за репарирани и 65 за OEM дел.
    2. На рамен терен, поставете го автомобилот во средно ниво на висина. Доколку се појавува нишање, проблемот може да се реши со малку WD-40, и подмачкување на механизмот кој одржува константно ниво на висина при стационарна положба. Механизмот може и да се замени доколку штетата е поголема. Цената според frenchcarforums.co.uk е 20 фунти, но знаејќи ја разликата меѓу цени, кај нас може да се очекува и поефтин дел.
  • Отворете ја хаубата и внимавајте на „клик“ звук кој се јавува во зачестени интервали. Доколку го слушате, тоа е регулаторот за притисок во хидрауличниот систем. „Клик“ звукот треба да значи престанок на работата, со што логично би заклучиле дека повеќе „клик“ звуци значи во некоја од сферите (најчест кривец е онаа за регулирање) се јавува недостаток на хидрауличен притисок, и треба да се дополни или замени, или пак се јавува протекување во некој дел од хидрауличниот систем.

- Кај возилата кои стоеле долго време или ретко биле возени, при најниско ниво на суспензијата, оддалечете се од задната страна на возилото и проверете дали задните тркала стојат во исправена линија или пак се „клекнати“ со горниот дел на внатре. Доколку е првиот случај, задниот трап е здрав. Доколку се јавува навалување, тоа е знак дека лагерите на задните тркала се пред менување. Според британските форуми, тоа е скапа поправка и треба да се избегне возилото со таков недостаток.
- Обрнете внимание на плочките кои ја прицврстуваат предната суспензија за каросеријата. Отворете ја хаубата и директно над тркалото прегледајте ги плочките визуелно, барајте корозија или пукнатини. Во моделите од 1993-1997/98 се случувало плочките да пукнат и цела суспензија да ја пробие хаубата. Не би сакале вас да ви се случи.
- За пред фејслифт возилата се смета дека најдобро е да се избегнуваат оние со ABS, заради проблемите кои настануваат со ABS компјутерот. Таквите проблеми предизвикуваат прерано трошење на плочките на кочниците.

Типични цени за делови за Xantia

- една хидраулична сфера - во ранг од 25 евра (репарирана) до 65 евра (оригинален ОЕМ дел).
- литро Total LHM хидраулично масло - 420 денари.
- Според еден српски форум - цела предница (стабилизатори, јабучици, две кугли, механизам за нивелација, лагери за амортизери (погоре реферирани како плочки)) 10.000 дИнари, што е околу 6000 наши денари.



*Сите податоци се базирани на аматерско истражување и за нив не се гарантира точност.
**Доколку забележите некој недостаток, или сметате дека нешто треба да се додаде во листите, ќе биде вметнато во постот.
***Среќно при купување.

Поздрав,

Мартин.


Извори:
CITROEN XANTIA 2.0 16V 155KS hidraktiv by TE-EN
http://www.honestjohn.co.uk/carbycar/citroen/xantia-1993/?
http://www.frenchcarforum.co.uk/forum/index.php
« Последно менување: 03 Јуни 2013, 13:31:28 pm Мартин »

Отсутен AllMightyMe

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 7173
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #1 на: 03 Јуни 2013, 10:03:44 am »
БРАВО Мартин за одличниот осврт на колата !!!!


Отсутен MartinAlfista

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 17780
  • Alfa Romeo Corruption 1.4 Turbo
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #2 на: 03 Јуни 2013, 10:18:27 am »
Ќе следат уште неколку постови за разни модели, меѓу кои и buyers guide за Алфа 145. Се надевам тоа ќе мотивира и други членови да напишат еден осврт за своите возила зошто нели за нив се најинформирани, и така да составиме еден подфорум само со такви теми. :)

Отсутен marsher

  • Сениор
  • ****
  • Пораки: 3177
    • smchiptuning
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #3 на: 03 Јуни 2013, 10:47:05 am »
Една забелешка околу кликот...Тоа се слуша регулаторот на притисок во хидрауличниот систем, треба да е не толку зачестен...можни проблеми:-системот некаде пропушта, топката ,посебно на регулаторот неисправна, пробиена или некоја од другите топки, мислам дека беа 6 исто така неисправни,истрошени цилиндри-амортизери на тркалата.....
Кој сака да го вози ова возило, нека не штеди пари на одржување на системот хидрауличен, затоа што на него се три подсистеми:-потпирање,серво управување и кочници...

Отсутен MartinAlfista

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 17780
  • Alfa Romeo Corruption 1.4 Turbo
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #4 на: 03 Јуни 2013, 11:09:06 am »
Изменето. Благодарам маестро!

Отсутен MecheTo

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 14717
  • Пудингот на шоферството
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #5 на: 03 Јуни 2013, 14:56:39 pm »
Не верувам дека некој ке купи Ксантија па темата да му помогни при изборот.Истото важи и за друг автомобили за кој имаш напишано дека ке отвориш тема. ;D
God created Turbo Lag to give VTECs a Chance! :D

Отсутен MartinAlfista

  • Легенда
  • *****
  • Пораки: 17780
  • Alfa Romeo Corruption 1.4 Turbo
Одг: Половна Citroen Xantia - на што да се внимава
« Одговори #6 на: 03 Јуни 2013, 15:06:28 pm »
Ништо не се знае ;)