Мерцедес ќе оди на титула
Охрабрени од последната победа, трета во петте трки возени од доаѓањето на Формула 1 во Европа, англиските медиуми пренесуваат оптимистички најави за учество на Мерцедес и Луис Хамилтон во борбата за титулата.
Извршниот технички директор Педи Лоу во интервју за Скај Спорт ја префрла заслугата за подобрениот болид на колегите.
- Подобрувањето не е заради мене. Се обидувам да се дистанцирам себе си од тоа, но екипата навистина има направено одличен болид оваа година. Имаше еден или два проблеми кои требаа да бидат разбрани, особено околу брзината во тркачки режим, но јасно е дека имаме напредок. Пробавме неколку работи, екипата е силна и заврши одлична работа за да ги разбере проблемите, да се адаптира и да продолжи и покрај тоа што пневматиците се сменија. Се надеваме на стабилност, а тоа е она што ни дава голема надеж за следните трки,- рекол Лоу.
Слично на ова и Ф1 сервисот на Би-Би-Си форсира големи надежи за сребрените болиди во следните трки, иако Хамилтон смета дека титулата е се уште многу далеку, бидејќи со победата во Унгарија ја намали предноста на Фетел од 58 на 48 бода. Во нивната анализа се укажува дека почетната предност на Розберг сега ја нема, бидејќи Хамилтон се изедначил на 3:3 во пол позициите, стигнал до победа, а претходно во Германија немал поголема деградација на гумите од тимскиот колега. Новите пневматици кои користат кевлар наместо челик во својата конструкција остануваат постабилни во подолг рок, односно не ја качуваат температурата како претходно, што го намалува степенот на распаѓање.
- Гумите ќе играат огромна улога, но јас навистина верувам во овој болид. Чувството е фантастично,- рекол победникот од Будимпешта. – Одите во следната трка и немате претстава како гумите ќе се однесуваат. Но, имајќи предвид дека ја минавме најжешката трка и ги имавме перформансите, тоа ми дава доверба дека во следните трки ќе се движиме напред и ќе имаме добри шанси да го повториме ова. Особено во Спа, каде што е поладно, а тоа нам ни одговара.
Кога новинарот на Би-Би-Си му ги набројал Спа, Монца и Сингапур како трки на кои порано победувал, тој се надворзал.
- Ја заборавивте Абу Даби. Со нетрпение го очекувам вториот дел од сезоната, вообичаено тоа е мојот омилен дел,- поентирал Хамилтон. – Кога имате победи како оваа во Унгарија, лесно е да се возбуди човек и да мисли дека се е возможно. Но, сепак е премногу рано да се каже дали ние ќе можеме да бидеме предизвикувачи за титулата,- додал скромно 28-годишниот пилот.
http://derbi.mk/index.php/motorsport/formula-1/item/6032-mercedes-ke-odi-na-titula