Фраери фаќаа бришка со "мерцедеси"Се упатуваме кон улицата Ленинова, а таму десетина наредени џипови, "мерцедеси", "хонди". Но штомсе појави пајакот на улицата, во истиот миг истрчаа сопствениците од кафулињата и заминаа со автомобилите. Сè се случуваше во една секунда, па пајакот немаше време ниту да се паркира, а камоли да подигне погрешно паркирано возило

"Секој оној што погрешно се паркирал, го креваме со налог на полицијата. Нема отстапки ниту за згодни девојки, политичари, пејачки или глумци. За сите важи истото правило", вели Ивица, кој веќе 20 години е дел од Пајак-службата
Кошмар за секој возач во Скопје е пајакот. Речиси и да нема човек чиј автомобил барем еднаш не бил цел на Пајак-службата. Колку и да молиш или да објаснуваш дека си се паркирал само за две минути, сè ти е бадијала. Штом четирите т.н. папучи на пајакот се ставени на тркалата на автомобилот - нема излез. Сакале-нејќеле, мора да платите 2.000 денари во депото на ЈП "Градски паркинг" за повторно да седнете во своето возило.
Екипа на "Вест" вчера неколку часа беше на терен со Пајак-службата на ЈП "Градски паркинг" за да видиме од прва рака како се одвива собирањето на неправилно паркираните возила низ скопските улици.
Во 11 часот стигнавме во депото на Пајак-службата под Железничката станица, каде што, откако веќе направиле неколку тури низ градот, нè чекаа подготвени пајаци. Најпрво шефот на Пајак-службата нè предупреди да не бидеме изненадени ако некој легне пред пајакот за да не дозволи да му го однесеме возилото, ако почнат да нè пцујат или колнат, па дури и ако некој се обиде физички да се пресмета со нас.
"Сме имале секакви случаи. Колку клетви и навреди добивале нашите луѓе, не им го знам бројот. Ни велат: 'Како ќе ми ја земаш колата, па знаеш ли кој сум јас' и следуваат редица закани. Кавгите и клетвите продолжуваат и тука, на депото, кога ќе дојдат да ја платат казната. Првин убаво ќе ни се изнавикаат, па дури потоа ќе платат. Најмногу сме збунети кога ќе легнат среде улица пред пајакот и кога ни велат: 'Само преку мене мртов ќе ја однесете колата'", вели шефот на Пајак-службата Димитар Мишев.
Потоа полицаецот, без кого пајакот не може да подигне ниту едно возило, и шефот на Пајак-службата ја договорија трасата по која требаше да одиме со возила во лов на неправилно паркирани автомобили. Тргнавме. Од пајакот кој прв тргна, преку радиостаница ни јавија дека првин ќе одиме на Плоштад.
"Толку пати сте нè критикувале дека не сме собрале ниту еден автомобил на Плоштад, па еве сега, заедно со вас, ќе го направиме тоа", низ смеа ни дофрли екипата во пајакот кој возеше пред нас.
Преку тесниот премин меѓу портата и сендвичарницата "Чичко Стоилко" едвај успеавме да влеземе на Плоштадот. На уличката, од едната страна имаше паркирани такси-возила, кои не правеа прекршок оти тука има такси-станица. Од другата страна, пак, на обележани паркинг-места, службени возила на "ЕВН". Пајакот продолжи напред, вртејќи околу ТЦ "Лумикс" и токму пред влезот на Градскиот трговски центар имаше паркирано црн "опел". Првиот пајак веднаш се паркираше до него и тамам да ги стават папучите на тркалата, дознаа дека тоа е возило на "Алфите", кои биле на терен. "Ништо, овој пат не наидовме на ниту едно возило на Плоштадот", вели Ивица, возачот на вториот пајак. "Многу често луѓето се прашуваат зошто не подигнуваме одредени возила, како што беше случај со ова. Граѓаните не знаат дека станува збор за полиција, па оттаму доаѓаат муабетите дека имаме селективен пристап, што не е вистина. Секој оној што погрешно се паркирал, го креваме со налог на полицијата. Нема отстапки ниту за згодни девојки, политичари, пејачки или глумци. За сите важи истото правило", вели Ивица, кој веќе 20 години е дел од Пајак-службата.
Следната локација за лов на пајакот беше уличката кај кафулето "Тренд". Но и таму истата приказна како со Плоштадот. Две неправилно паркирани возила, и тоа едното повторно на полицијата, а другото - за дотур на стока. Но веднаш се вративме во пајаците, оти полицаецот во првиот пајак доби известување дека кај италијанска амбасада е пријавено возило што е паркирано среде улица и го попречува сообраќајот. Се упативме кон улицата Максим Горки, па кон италијанската амбасада и веќе ја имавме првата жртва. Имаше паркирано "голф" со странски регистарски таблички и веднаш започна акцијата за негово подигнување. И се заврши буквално за две минути. Возилото беше во пајакот, вработените на своите места и потоа продолживме кон депото за да го истовариме подигнатото возило. По пат застанавме на кејот 13 Ноември. Беше редот вториот пајак да интервенира. Како по обичај, во пешачкиот дел паркирано возило - сребрен "опел". И со него истата процедура: за помалку од две минути беше ставено на пајакот, а полицаецот плус напиша казна за сообраќаен прекршок за паркирање во пешачка зона. И така сопственикот, освен 2.000 денари на Пајак-службата, ќе треба да $ плати и 1.500 денари на полицијата.
Оттаму тргнавме кон депото за да го истоварат пленот и за да ги предадат записниците за подигнатите возила.
"Како поминавте, добивте ли некоја клетва или закана?", нè праша шефот Мишев и ни раскажа дека пред извесно време подигнале возило со ковчег на него.
"На улицата Македонија, пред хотелот 'Бристол', се снимаше сцена од филм и имаше паркирано 'фиќо', а на него ковчег. Требаше да се пренесе возилото со пајакот, но граѓаните мислеа дека го носиме во депото. И потоа какви сè не клетви чувме од граѓаните додека се движевме низ градот: 'Па и мртовците не можат на раат да се погребат од вас. И нив ли ќе ги подигнувате?', се присети шефот Димитар.
По кратката пауза, повторно влеговме во пајаците и тргнавме кон Дебар маало. Е тука пајакот никако не може да излезе на крај со скопските момци кои седат во кафулињата на Ленинова на кафе, а скапите возила ги паркираат на улицата пред нив. Првин се паркиравме кај кружниот тек. Таму имаше три автомобили наредени еден зад друг, погрешно паркирани. Додека едниот пајак го подигаше првото возило, а другиот се подготвуваше да го подигне второто, истрча сопственикот на возраст од околу 60 години и почна со добро познатата реплика.
"Ве молам, не кревајте го, бев паркиран само на две минути" и успеа да се спаси од казна. Во истиот миг истрча и сопственикот на третиот автомобил, за секунда влезе во возилото и избега.
Едниот пајак остана празен, па се упатуваме кон улицата Ленинова. А таму десетина наредени џипови, "мерцедеси", "хонди". Но штом пајакот се појави на улицата, во истиот миг истрчаа сопствениците од кафулињата и заминаа со автомобилите. Сè се случуваше во една секунда, па пајакот немаше време ниту да се паркира, а камоли да подигне возило.
"Е вака ни поминува секој работен ден. Во просек, креваме по 50 возила дневно и морам да кажам дека последнава година скопјани се подисциплинирани во однос на паркирањето од изминатите години", ни рекоа вработените во Пајак-службата на разделба.
Ана Антевска