Redevno privatnjacive...
Приватните автобуси застануваат и по 100 пати, а ЈСП само ако сакаат
Возачите на приватните автобуси секојдневно и по повеќе пати застануваат секаде каде што патниците ги стопираат, без разлика дали на тоа место има стојалиште и дали со тоа прават сообраќаен прекршок. За разлика од нив возачите на ЈСП надвор од стојалиштата застануваат селективно по своја волја
Приватните превозници кои превезуваат патници на неколку линии во главниот град, стануваат ноќен кошмар за возачите кои се движат низ градските улици поради метежот кој го предизвикуваат. Возачите се жалат дека приватните автобуси им пречат во сообраќајот бидејќи многу често застануваат насекаде и ги прекршуваат законите. Застануваат на места каде што нема постојка, се тркаат со автобусите на ЈСП, преминуваат пруги иако рампата е спуштена.
- Приватниците веднаш застануваат да земат патник, штом им кренат рака, без разлика што нема постојка на тоа место на улицата. Јасно ми е дека сакаат да качат патник повеќе па затоа се трудат, но со постојаните и нагли застанувања го закочуваат сообраќајот, па не ни чудо што многу од возилата им свират на ваквото однесување. Сепак се чини дека тоа ним многу не ги засега па си тераат по свое, се пожали Дарко Л. од населбата Аеродром.
На ова однесување се жалат и патниците, бидејќи поради честите застанувања и онаму каде што нема стојалиште, велат дека автобусите буквално се влечкаат по патот, па поради тоа, тие најчесто доцнат онаму каде што одат. Од друга страна пак, кога сакаат да се качат во автобус им оди во прилог и тоа што возачот застанува секаде за веднаш да се качат.
- Најчесто се возам со приватен автобус, односно со 23-ка. Често се случува премногу бавно да возат, а тоа го прават за да можат во секое време и било каде да застанат за да земат патник да направат поголем профит од турата. Кога и да се возам со овој автобус доцнам, но сепак заради поевтиниот билет и заради тоа што ме собира и на места каде што нема постојка јас и понатаму го користам приватниот превоз, ни раскажа Елена од Ново Лисиче.
Околу ова однесување на возачите, директорот на здружението на приватни превозници Слобода превоз, ни одговори дека е запознаен со оваа појава, но дека единствено нешто што тие можат да го направат е на состаноците да им укажуваат на возачите да не прават никакви сообраќајни прекршоци, бидејќи со тоа го загрозуваат животот на патниците, а и на останатите учесници во сообраќајот.
- Единствено сообраќајната полиција може да влијае за намалување на овој прекршок, бидејќи кога возачот ќе биде казнет, во иднина ќе подразмисли дали ќе го повтори прекршокот. Сепак со нашиот ангажман во едукација на возачите, ситуацијата е подобрена за разлика од пред неколку години, но се уште голем дел од возачите застануваат на непропишани места, изјави Ленин Јовановски.
За разлика од приватните, возачите на Јавното сообраќајно претпријатие застануваат селективно на оние на кои тие сакаат да им застанат, па патниците забележуваат дека се случува некоја бабичка што не го стигнала автобусот да остане извисена, а ако некоја згодна женска му фати око или види пријател или роднина, возачот застанува.
За овој проблем од МВР ни објаснија дека по член 73 од Законот за безбедност на сообраќајот на јавен пат, на кој има посебно изградено автобуски стојалишта, надвор од коловозот, возачот на автобус не смее заради влегување и излегување на пат да го запира автобусот на коловозот" стои во Законот. Оттаму велат дека глобата за овој прекршок е 45 евра или 25 негативни поени, а единствен начин да се казнуваат сторителите на овој прекршок, е сообраќаецот на лице место да го утврди истиот. Тие за овие прекршоци месечно казнуваат околу шест возачи на автобуси.