Голфот има нов возачки ретровизор. Пред 10-тина дена си го најдов искршен ретровизорот пред куќа. Капакот на улица со искинати држачи и искршен (но изненадувачки сè уште стоечки) носач со искршена рамка и откорнати држачи. Чудно, стаклото беше преживеано. Го закачил син на комшија и „слушнал нешто, ама не приметил, мислел дека е океј“ па не ни пријавил. Случајно го открив кога го прашав татко му дали камерата која им е во двор фаќа и на улица, па да видам да не случајно фатила кола со искршен ретровизор. И додека бев кај комшијата во двор приметив дека на една од нивните коли е искршена пластиката околу ретровизорот. „Комшо, абе некој од вас е.“
И нема врска, пополнивме Европски, бевме до осигурителна, се направи увид, записник, итн. Во меѓувреме во Порше стигна комплет нов ретровизор и го монтираа и толку.
Пред некоја недела си купив и мало резерврно тркало. Не успеав да најдам (и за волја на вистината, не ни барав премногу) мало користено тркало од VW. Ѕирнав неколку и не одговараа поради големите предни дискови. Нејсе, другар ми најде
No Problem Kit кој покрај тркалото има и дигалка, ракавици и уште пар други ситници. Го платив околу 15.000 денари. Секако, го монтиравме да го пробавме пред да го земам, да бидеме сигурни дека одговара.

Фаќа простор во (и онака малиот) багажник па кога ќе се пакувам за некое подолго патување ќе му барам друго решение, најверојатно позади некое од предните седишта. Ама во секој случај, после авантурата со стариот Голф и уништената гума кога одев на одмор пред некоја година, не би се ослонил премногу на пена.