Крит...
Ех, посета на Крит беше желба стара 20 години и сокриена некаде помеѓу сите летувања од тогаш до сега. Имено, сега веќе далечната 2003-та требаше фамилијарно да одиме на одмор, но поради X причини (воглавно финансии) - не отидовме. Ни тогаш, а и никогаш повеќе, барем заеднички (ова ќе се потрудам да го променам, барем додека не станат моите престари за патувања). Од тогаш бевме заедно на други дестинации (Турција, Црна Гора, Бугарија, други места во Грција), но никогаш - Крит.
Во годините што следеа - престанав да одам со моите на одмор. Пораснав. Сакав да одам сам. Прво со друштво, па потоа дојдоа врските. И беше убаво. И Охрид и Дојран и Несебар и Сончев Брег и Будва и Лефкада и Кефалонија и Крф и Закинтос и Тасос и Касандра и Ситонија и тн. На сите места и со сите со кои бев.
Но, Крит никогаш не ми дојде на ред. Некое лето заради недостаток на пари, наредното - заради недостаток на слободни денови. Мои или на личноста со кого требаше да одам. И така во круг, со години.
Минатото лето бев на Закинтос. Неважна информација за ова писание, но сепак важна. Ми останаа 300€. Се зареков дека ќе ги чувам (и додавам екстра секој месец) за да го посетам Крит наредната година. И успеав да заштедам доволно, колку „да не се стегам“.
Некаде во јануари годинава (на пола пат од штедењево), се договоривме со девојката оквирно кој месец да одиме и колку дена. И да си планираме соодветно денови за одмор од работа. Се мислев дали да одиме со кола или со авион. Мислата ми траеше 1 минута или помалку. Се свестив дека ако одам со кола - ќе имам прилика да ја посетам и Атина во која не сум бил од 1988 година, како бебе од 1 година кое сега не се сеќава на ништо. Но имам слики, а сликите имаат можност да се повторат и споредат, секако доколку местото сеуште постои. А Акрополис постои со милениуми.
Покрај тоа - ќе имаме шанса барем малку да ѕирнеме и прошетаме.
И така бидна, падна одлука. 12 дена вкупно (што неработни, што работни), 8 ноќевања на Крит, 1 ноќевање во Атина.
Наредната „мака“ беше - каде на Крит? Но ова го решивме прилично лесно, знаејќи дека за Крит ќе ти треба барем 3 летувања по 14 дена за да го доживееш макар малку целосно. А и мојата сестра веќе беше два пати на западниот дел, па сподели нејзини видувања и искуства.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
СместувањаСе одлучивме за западот на Крит и во февруари земав да барам сместувања на Booking, во потегот од
Chania до
Gerani. Понудите за солидно двокреветно студио беа од 360€, па до 660€ за 8 ноќевања.
Во меѓувреме, сестра ми ми спомна дека нејзината золва беа фамилијарно минатото лето во сместување во местото
Agia Marina (блиску до Chania), па сеуште има контакт од луѓето таму.
Додека го чекав исходот од нивната комуникација, го најдов сместувањето и на Booking (480€ за 8 ноќевања), па го резервирав, чисто да не го снема. Но утредента, луѓето вратија дека имаат слободно студио за тој период и дека цената е 400€.
Јас искомуницирав со газдарицата директно преку Viber, се договоривме и откажав преку Booking. Разликата од 80€ се 20% провизија кои одат за Booking. Дури не ми ни побараа капар, само побараа да им пишам една недела претходно кое време отприлика би стигнал.
Станува збор за Angelica Studios & Apartments:
Google MapsBooking.comСекаква препорака за сместувањето, чистеа секој ден, менуваа постелнина секој ден, студиото си има се што треба, па и солидна тераса. Имаше и базен во дворот, но не се избањавме. Друга интересна работа е што е ептен блиску до главната улица, но сепак е премногу мирно.
Check-in времето им е после 14h, а check-out до 12h. Паркингот е мал (за 3 автомобили), па кога немаше место, се паркирав на улицата. За сите денови што бев таму, секогаш колата ми беше на 10-20 метри од сместувањето.
После решавањето на проблемот со сместување на Крит, земав да барам место за ноќевање во Атина. Ова го решив со што првично ги разгледав метро станиците во Атина, како и оддалеченоста од центарот. Падна одлука за сместувањето Acropolis View во предградието Dafni.
Google MapsBooking.comЦена - 40€ за едно ноќевање.
На 5-6 минути пеш од метро станицата Dafni (која е на истата линија што вози кон Acropolis/Syntagma), како и релативно блиску до центарот на градот. Станува збор за голем стан (еден стан на цел спрат) кој е поделен на 3 студија/соби (две имаат внатрешен тоалет) и едно е со надворешно приватно. Ние бевме во ова второто, ОК им е решено. Малку беше проблем што станот е на трети спрат во зграда со кривудави скали, па беше малку мачно со носење и враќање на багажот, но во ред. Сепак бевме едно ноќевање.
Check-in времето им е после 14h, а check-out до 12h. Паркингот е бесплатен, на улицата пред и околу зградата.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Документи, карти, гориво и други занимливостиVozzi (помош на пат)Ова секако ми истекуваше почетокот на август, па си уплатив нов пакет уште тогаш. Купен Vozzi Evropa, 3400 денари за една година.
Патнички осигурувањаКупен пакет Стандард од Халк Осигурување. Осигурени 12 дена по цена од 360 денари (по лице). Истото патничко го имав купени и лани на Закинтос кога имав потреба да одам на оториноларинголог, па им ја знам услугата и процедурата.
Кредит на Cosmote (What’s Up припејд)Уплатен пакет од 15€ за неограничен интернет еден месец. Оваа им е летна понуда (завршува на 31.08), па морав да ја активирам некој ден порано. Супер-брз интернет и на Крит и во Атина.
Egnatia Odos TAGЗа ова веќе имам пишувано на форумов. Во мај годинава го порачав онлајн (бесплатно) и се регистрирав на нивниот сајт, па ми стигна преку една од нашите брзи пошти. Ја инсталирав Андроид апликацијата, се логирав и тоа е тоа. На една недела пред тргнување уплатив 70€ за патарини, но ми останаа 20€ бидејќи на враќање (поради поплавите) не се наплаќаа патарините од Lamia до Evzoni (кружевме преку Kalambaka (Метеорите) и Grevena).
Тука морам да се пожалам на тагот, не ми го прочита на 3-4 патарини, а се направи гужва позади мене, па се враќаа другите рикверц мислејќи дека сум утнал лента. Немам објаснување зошто не го прочита, можно е затоа што го држев со рака (не беше залепен позади ретровизорот), меѓутоа го држев на истиот начин како и на патарините на кои го прочита беспрекорно. При физичка наплата - само им го даваш тагот, го скенираат и толку. Ова им е супер решено.
На сите други патарини каде што функционираше, мислам дека заштедив минимум 40 минути во чекање.
ПатариниEvzoni 1.80€
Malgara 1.20€
Kleidi 2.20€
Leptokarya 3.20€
Makrychori 2.50€
Moschochori 4.00€
Pelasgia 3.50€
Mavromantila 1.90€
Agia Triada 1.80€
Traganа 3.85€
Thiva 3.90€
Afidnes 3.30€
Патарините чинат 33.15€ во еден правец. На враќање ги платив само последните четири (во обратен правец), плус една околу Атина (мислам дека беше Katehaki) која чинеше 2.80€
Карти за траектКарти купив (повратни) од компанијата
Anek Lines на 9-ти јули, по цена од 325€ за две лица и автомобил.
Ова ми се покажа како делумна грешка, требаше да купам карти за кабина за спиење. Цената мислам дека беше 450€. За разлика од 130€, се укочив по столици и сепариња и натаму и наваму. Памет за нареден пат. Натаму одевме со траектот
Elefterios Venizelos, а наваму се враќавме со траектот
Blue Galaxy од компанијата Blue Star Ferries. Интересно е што требаше да се враќаме со Elyros од Anek Lines, но не разбрав зошто е сменет.
Како оди процедурата - ги исштампав сите карти (3 за натаму, 3 за наваму). При влез во траектот, го скенираат QR кодот на секоја карта и толку. Патниците не мораат да се симнуваат при паркирање внатре во траектот, за разлика од некои други траекти и дестинации што сум бил (Кефалонија или Крф полани).
Траектот тргнува во 22h (по грчко) и од Пиреја и од Souda (ова е пристаништето на Крит, блиску до Chania). Стигнува околу 06:30 и на двете дестинации, но има некаде 30-40 минути за чекање додека излезат тие со колите пред тебе, во зависност каде си паркиран. Ние и на двата траекти бевме во најдолните гаражи (бидејќи влегуваме на бродот прилично рано), па си почекавме добри 45 минути додека дојде на ред нашата гаража. Ова им е решено со тоа што на разглас кажуваат која гаража е на ред и да се упатат возачите/патниците кон истите.
Карти за крстарење до Balos и островот GramvousaКупени онлајн преку
Blue Daily CruisesСе тргнува од пристаништето Kissamos во 10:50, а се враќа во 18:00. Деталниот распоред го има на линкот. Се мислев помеѓу оваа компанија и Cretan Daily Cruises, но тие имаат доста поголеми бродови и е многу покомплицирано за влегување и излегување од бродот. Ќе напишам подетално за искуството во соодветниот ден, од почеток до крај.
Цената е 30€ по лице.
Карти за АкрополисMoжеби најпаметната одлука при посетата на Атина е да ги купам картиве онлајн. Имаше редици и редици и редици луѓе (на двата влеза) кои чекаа да купат карти. На 11 септември. Којзнае како е во јули и август.
Картите ги купив од
официјалниот сајт и чинат 20€ по лице. При купување мораш да одбереш термин (јас имав одбрано од 10 до 11) и да се појавиш во таа временска рамка. Најрано што можеш да влезеш пред терминот е пола час. Едни луѓе со термин од 11 - 12 пробаа да влезат во 10, не ги пуштија, им рекоа да почекаат.
Процедурата е иста како за траектот - отштампани карти, ги скенираат со QR кодот. Веројатно може и преку PDF, јас сите документи си го штампам.
Kaрти за метро во АтинаСе купуваат во метро станиците на платоматите. Чинат 1.20€ за времетраење од 90 минути. Се купуваат со банкноти, ситни пари или со картичка/мобилен.
Паркинг во АтинаОва го решив со Андроид апликацијата
ParkAround. Наоѓаш слободен паркинг на мапа (каде ти одговара), резервираш термин (плаќањето е преку апликацијата или на лице место) и одиш на паркингот. Толку.
Јас се паркирав вечерта
овде во Psyri маалото, блиску до главната улица Ermou, до Monastiraki Square и до Plaka маалото.
Платив 5€ за два часа.


ѓ
Гориво и поминати километриСитуацијата со ставено/потрошено гориво, како и поминати километри од дома до дома е следнава:
Макпетрол дизел 49L x 81.5 денари = 3993 денари (65€)
Shell V-Power Diesel (Chania) 36.91L x 1.896€ - 70€
Shell V-Power Diesel (Gerani) 40.46L x 1.977€ - 80€
Aegean дизел (Grevena) 22.47L x 1.780 - 40€
Вкупно ставени 149L. Потрошени 130L (6L од претходна резерва), останати 19L.
Вкупно потрошено 255€.
Просечна потрошувачка - 5.5L/100km
Вкупно поминати 2361km.
ТрошоциЗа двајца - потрошено околу 1850€ (без Vozzi пакетот).
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Во наредниот пост ќе напишам малку подетално за секој ден, зачинето со слики, видеа и панорамски (360 степени) слики 😊