Доколку се суди според новитетите кои ги најавува, Opel е на добар пат да се врати во врвот на конкурентноста, кога станува збор за моторизација на автомобилите. Имено, наскоро ќе дебитира нова палета на мотори и менувачи кои минатата недела, Opel доста дискретно и тајно ги претстави во тест центарот, затскриен во шумата Родгау Дуденхофен, во близина на Франкфурт.
Во периодот од 2013-та до 2016-та година Opel планира на пазарот да лансира три нови фамилии со вкупно 13 мотори, со што производителот ќе обнови околу 80 отсто од својата понуда. Во истиот период, компанијата ќе иницира развој на неколку серии на нови системи за пренос.
За време на минатонеделната презентацијата, Opel ги претстави новите 1,6-литарски бензински и дизел мотори, како и новите менувачи: 6-брзински мануелен, 5-брзински „рачен роботизиран“ и 8-брзински автоматски.
Идејата е јасна - да се редуцира бучавата и вибрациите на моторите и губитокот кај менувачите, со крајна цел за намалување на потрошувачката на гориво и емисијата на гасови. Како што појасни Мики Блај, потпретседател за развој на мотори при General Motors, до 2020 година возилата на Opel ќе се одликуваат со 27% пониска емисија на CO2 во споредба со денешните коефициенти. На годишно ниво, тоа значи дека тогашните мотори ќе емитуваат речиси еден милион тони CO2 помалку.

Новите четири цилиндрични бензински мотори со директно вбризгување (SIDI - Spark Ignition Direct Injection) се со обем од 1.598 цм3, опремени се со турбополнач а се произведуваат со две нивоа на моќност: Изведбата Eco Turbo развива 125 kW (170 КС) и 280 Nm на максимален вртежен момент, додека помоќниот Performance Turbo нуди 147 kW (200 КС) и 300 Nm.
Во споредба со претходниот 1,6-литарски турбо мотор на Opel, испуштањето на CO2 и потрошувачката на гориво се намалени за 13 проценти, додека највисоката моќност и вртежениот момент се зголеми за 30 отсто. Супериорната еластичност на изведбата Eco Turbo се рефлектира и во 20 отсто подобреното забрзување од 80 до 120 км/ч во V степен на пренос.
Од Opel истакнуваат дека голем труд при конструкцијата на новите мотори е вложен и во намалување на шумот (-2 dB), во голем дел постигнат преку редуцирање на контактот помеѓу системот за вбризгување и моторот. Исто така, кај новите мотори намалени се вибрациите поради што тие се подготвени за Euro 6 стандардот. Од другите карактеристики би можело да се издвојат Variable Valve Timing, пумпите за масло со променлив волумен, како и пумпата за ладење на клиповите со можност за исклучување, со цел да се заштеди енергија.
http://koli.com.mk/novosti_vnatresna.aspx?id=3746