По смртта на аргентинскиот мотоциклист Хорхе Мартинез Боеро за време на првата етапа од Дакар 2012, славното рели повторно го зема данокот во крв, откако на вториот натпреварувачки ден загинаа двајца гледачи. 11-годишно момче и неговиот 37-годишен татко одлучиле рели возбудувањата да ги следат од воздух, возејќи се со мал приватен авион, кој поради одредени проблеми што засега се непознати, се урнал на земјата. За жал и двајцата загинале на местото на несреќата.
Релито Дакар е едно од најопасните авто-мото натпреварувања во светот воопшто. Од првото издание во 1979 година досега загинале 19 натпреварувачи, а вкупната бројка на жртви заедно со гледачите, официјалните лица и тимските членови изнесува 59.
Во сенка на трагичните несреќи, втората етапа им припадна на актуелните шампиони во конкуренција на мотоцикли и автомобили, Марк Кома (КТМ) и Насел Ал-Атијах (Хамер). Во генерален пласман Кома е во водство пред Франциско Лопез и Сирил Деспре, додека кај автомобилите првопласиран е Стефан Петерхансел (Мини), пред Роби Гордон (Хамер) и Криштоф Холовшиц (Мини). Во конкуренција на камиони во водство е Жерар де Рој (Ивеко).
http://www.plusinfo.mk/vest/28558/Dakar-povtorno-zema-danok-vo-krv-novi-dvajca-mrtvi-fotovideo