Хонда е главниот виновник за одличниот перформанс на Ред Бул денес. Неофицијално моторот нуди одличен стохиометриски баланс при атмосферски температури над 30 степени, што не беше претходно случај во претходните трки. Системот за ладење на моторот е модифициран и овозможува, моторот да биде цело време во идеален стохиометриски сооднос гориво-воздух, што им даде на Ред Бул околу 60 коњски сили плус во однос на претходните трки. Секако дека победничкиот пакет беше поткрепен со одличен сетап на болидот кој што работеше спринтерски на тврди пневматици до последен круг. Одлично изработено во Редбул и Хонда.
Во исто време, Мерцедес имаа големи проблеми со прегревање на моторот и затоа нивниот перформанс беше беден. Ботас и на прес брифингот после трката кажа дека морале да редуцираат со перформанси за да не прегрее агрегатот, и дека во Мерцедес биле свесни дека овој викенд е загубен, во трката за победа. Заебот за нив е во тоа што просечните температури во Австрија во Јуни месец се отприлика за 10 степени пониски од овие што ги имаше викендов. Соодветно на тоа целата стратегија и претпоставки за сетирање на болидот им се ѓубре. Оваа трка Мерцедес ја возеа Про-Форма.
Тоа што особено ме радува е што Мекларен почнаа да покажуваат заби и што Ландо Норис е исто така свежа крв која што неможе да дојде до израз од Леклер и Верстапен. Следете го Норис. Фантастичен момак е.
Ферари се брзи на правци, ама имаат огромен проблем со деградација на пневматици. Не успеваат да најдат добар сетап на подвозје и соодветен менеџмент на пневматици во текот на трката за да дојдат до подиум. Имаат фантастичен агрегат, ама шасијата и подвозјето се просечни. Имаат фантастичен момак, Леклер кој што е најдоброто нешто што им се случило во последните години. А, да го имаат и Фетел кој што е најлошото нешто што им се случило во последните 30 години.
Ако температурите се во рамките на просекот во Англија, би требало да има одлична трка во Силверстон, Мерцедес, Мекларен и Ферари ќе бидат интересни за следење. Ред Бул не очекувам да покаже исти перформанси како во денешната трка во Австрија.