Минатата сабота требаше да имам Инсигнија на тест, ама за жал не беше достапна, па единствена „утешителна награда“ беше тест-возење на новиот Opel Grandland X.
Grandland X и Crossland X се првите модели со значката на Opel, но платформа на РЅА. Иако не сум љубител на овој тип на возила, се нафатив да го извозам за да видам што има да ми каже.
Надворешно, Grandland X изгледа ненаметливо и смирено. Ги носи карактеристичните дизајнерски линии забележливи и кај другите модели на Opel, кои пак своето потекло го гледаат во
Buick Avista Concept. Напред гордо е истакнато логото на Opel, закитено со хромирани „бркчиња“ (или „крилца“ кој како љуби). Дневните светла во светлосните групи се доследни на дизајнерските моменти забележливи кај поновите модели на производителот. Профилот го красат две мускулести набрекнувања на вратите и крилата, хромираната лајсна која се протега долж целиот кров и предизајнираниот „Ц“ столб. Мора да се напомене дека профилот изгледа безмалку смешно, првенствено поради димензиите на тркалата и пластичните поклопци. Но, на тоа поле може многу лесно да се интервенира и да се подобри, така што, нема да пишам преголем минус поради тоа. Задниот дел на Grandland X изгледа како пренапумпана Astra. И тука се приметуваат карактеристичните дизајнерски моменти во светлосните групи. Тешко е да се најде нешто друго интересно на задницата на ова возило. Како што напоменав на почетокот, Grandland X не се расфрла со премногу дизајн, точка ваму, линија таму, и делува доста смирено, и на моменти дури и стерилно.
По отворањето на вратите, понудата на простор во кабината едноставно плени. Има навистина многу место, како на предните, така и на задните седишта. Како кај надворешноста, така и кај внатрешноста на Grandland X, преовладува смиреност и култивираност, без непотребни експерименти. Кај ова возило, седиштата беа комплетно пресвлечени во кожа, со електрично подесување, греење итн. За жал, седиштата немаат доволна странична потпора, а инаку се доста удобни. Седењето е високо, што е нормално кога ќе се земе предвид типот на возилото. Воланот убаво лежи во раце, а ергономијата е на релативно високо ниво. Контролите на и околу воланот се лесно достапни и разбирливи, но контролите за клима уредот се прениско поставени и „во сенка“, па не се толку лесни за користење. Инструмент таблата е чиста и прегледна, иако нуди многу информации во даден момент. Во горниот дел од централната конзола, одлично е интегриран екранот за мултимедијалниот систем / навигацијата. Не ми се допаднаа алуминиумските педали, бидејќи се лизгаат, особено ако обувките се влажни од долу. Надворешните ретровизори се големи и прегледни, додека низ средниот ретровизор, погледот е ограничен поради ниското задно стакло и потпирачите за глава на задната клупа. Многу паметно и за почит е поврзувањето на надворешните ретровизори со камерата за возење наназад. Имено, кога ставаме во „рикверц“, на дисплејот се појавува сликата од задната камера, додека надворешните ретровизори го менуваат аголот према надолу, за да може да се види да не има некоја прикриена препрека, или колку има до рабникот. Задната клупа се дели на 60:40 и има централен отвор за долг товар.
Вреди да се напомене дека на централната конзола има отвори за вентилација и команди за греење на задните седишта, што благопријатно влијае врз комфорот на патниците. Багажниот простор е со правилна форма, и поделен на две нивоа. Високото отворање на задната врата и нискиот товарен раб дополнително ја подобруваат практичноста на Grandland X. Задната врата се затвора автоматски со притисок на копче, а може да се отклучи или заклучи со гестикулација со нога, непосредно до работ на задниот браник.
Возењето на овој конкретен Grandland X беше проследено со измешани чувства, особено поради тоа што не сум љубител на вакви возила. Управувањето е прецизно и директно, но недостасуваат повратни информации од воланот т.е. едноставно премногу е бесчувствителен. Можеби тоа би се подобрило со поголеми тркала и пошироки гуми. Менувачот ми беше чуден; веројатно очекував попрецизно да работи. Во неколку наврати ми запна при бирање на 3-от степен, што не би смеело да се случи на ново возило. Имајќи ја предвид височината на возилото и неговиот габарит, за пофалба е држењето во кривини. Иронично беше што иако возилото одлично држи во кривини, телото бега поради недоволна странична потпора на седиштата. Звучната изолација и комфорот се на високо ниво. Системот за читање на сообраќајни знаци одлично си ја врши работата, и на дисплејот пред возачот секогаш го покажува последното ограничување. Интересно ми беше како реагира Системот за следење на коловозни ленти - не дава само сигнализација на инструмент таблата, туку го „бутка“ воланот во спротивната насока. Имено, намерно возев премногу десно, блиску до белата линија до работ на коловозот, и системот не само што дава сигнал дека возилото е премногу блиску до белата линија, туку и го насочува на другата страна, односно према средината на коловозната лента. Многу паметно изведено.
Е сега, посебно ќе го издвојам моторот, бидејќи толку позитивно ме изненади, што се' уште сум под импресии. Очекував да биде 1.5 литарскиот турбо-бензинец кој требаше да го возам во Инсигнијата, и бев доста пријатно изненаден, особено од тоа колку лесно и без никаква драма солидно потегнуваше од ниски вртежи и си тераше без мака до кај 180 км/ч. Можеби ќе тераше уште, ама не сакав да форсирам. Бев шокиран кога видов дека всушност станува збор за 1.2 литарски турбо-бензинец со 3 цилиндри! Никогаш, ама баш никогаш, ни на крај памет немало да очекувам таков мотор, со толкава леснотија да го носи габаритот на еден компактен СУВ. Моторот е дефинитивно најдоброто нешто кое ќе го издвојам кај тестираното возило, бидејќи е благо кажано, феноменален. Не знам како стои со потрошувачка, бидејќи го имав возилото само 80 минути.
Листата со ставки од опремата кај нивото Innovation, воопшто не е за занемарување. Имено, кај тест возилото беа присутни:
- ESP, ABS, EBD
- Навигација со говорни команди и екран чувствителен на допир
- кожен пакет
- греење на седишта и волан
- старт-стоп систем
- keyless систем
- дополнителна заштита на подвозје
- греење на преден ветробран
- двозонски клима уред
- електронска паркинг кочница
- темпомат / лимитер
- асистент за тргнување на нагорнини
- греење на просторот за стапалата позади
- адаптивни ЛЕД светла
- автоматизирана задна врата
- blind spot assisstant
- Opel OnStar
- TPMS систем за следење на притисокот во гумите
- систем за препознавање на знаци "Opel Eye"
- систем за препознавање на коловозните ленти
Цената на Opel Grandland X Innovation 1.2 DIT, 96 KW (130 KC) во локалниот салон за Opel е 35370 Евра (со тоа што би било со BiColor алуминиумски фелни, не со овие тркала)
П.С. Се извинувам за извештерените слики и квалитетот на истите, ама ми снема место на телефонот. Имам и неколку видеа снимени, ама не знам дали и кога ќе можам да ги обработам, благодарение на протестот на мојот компјутер.