Пониските октани ги тресат возилата
Експертите предупредуваат дека кај дизелот треба да се води посебно сметка, оти има летен и зимски дизел и при премините на сезоните во пролет и есен има најмногу хаварии кај возилата што го користат ова гориво
Има ли Македонија квалитетен бензин и дали тој е изработен според европските стандарди? Задоволни ли се возачите од тоа како им работи возилото и дали согледуваат разлики кога патуваат во странство и користат бензин од други нафтени компании? Зошто напролет на многу дизел-автомобили им се случува хаварија, односно им се затнува филтерот и целиот довод на горивото? Дали дизелот во земјава е неквалитетен и не ги задоволува пропишаните стандарди? Ова се само дел од прашањата што ги поставуваат возачите, а одговорите ги побаравме од експертите.
Тие предупредуваат дека кај дизелот треба посебно да се води сметка оти има летен и зимски дизел и при премините на сезоните напролет и наесен има најмногу хаварии кај возилата што го користат ова гориво. Сепак, во автосервисите сметаат дека горивата што се точат на бензинските пумпи низ државата се квалитетни, бидејќи последниве години немале работа со дефекти на возила предизвикани од лош бензин или дизел, за разлика од пред неколку години, кога тоа масовно се случувало.
Нема возила со оштетен систем поради лош бензинВо сервисниот центар на АМСМ велат дека прават само редовни сервиси и годишно одржување на возила и немаат искуства со дефекти поради лош квалитет на горивата. Истото го кажуваат и во сервисниот центар на "Аутомакедонија".
-Квалитетот на горивата во последниот период е подобрен. Немаме возила со оштетен систем на гориво поради лош бензин - вели директорот на сервисниот центар, Васко Младеновиќ.
Тој објаснува што се случува кога бензинот е со помалку октани од тие што се препорачани од производителот на автомобилот. Вели дека тогаш може да се јави поголема потрошувачка, тропање на вентилите или сецкање при возењето.
-Доаѓаат и возила со такви проблеми, но ние при прегледот пристапуваме многу аналитично и не сме ги поврзале со октаните на бензинот - додава Младеновиќ.
Поправки на возила со дефекти предизвикани од лош квалитет на гориво немале ниту во сервисот "Ауто Мазак". Оттаму велат дека пред пет-шест години таквите случаи биле бројни, а сега квалитетот на горивото е далеку подобар, па дефектите предизвикани од него не се вредни ниту за споменување. Сопственикот на овој сервис, Александар Арсовски вели дека од неквалитетен бензин страдаат дизните, бош-пумпите, а можат да пукнат и црева, во зависност од тоа колку се агресивни додатоците во горивата. Поправките на ваквите возила чинат многу. Чистењето на резервоарот кое во некои случаи може успешно да се изврши чини 50 до 60 евра, додека за промена на дизните треба да се издвојат 400 до 600 евра, а за пумпата од две до три илјади евра. Арсовски потсетува на периодот пред пет-шест години кога имале многу работа со возила оштетени од неквалитетно гориво. Тој потсетува на случајот со "Пежо", кои земале примероци од горивата на нашите бензински пумпи и кога констатирале дека квалитетот им е лош, престанале да примаат рекламации за новите возила поврзани со дефекти предизвикани од горивото. Арсовски го пренесува искуството на своите муштерии, кои кажувале дека автомобилот подобро им одел кога полнеле гориво во Грција. Тој вели дека тоа може да се поврзе со октаните и објаснува дека секогаш треба да се користи бензин со октанска вредност која ја пропишува производителот на возилото. Ако бензинот е со помалку октани, вели тој, тогаш моторот послабо работи, но разликата може да се види ако се вози на многу долги релации.
-Не може да се каже дека имаме горива со врвен квалитет, но сепак, тој е добар. Ако се појави дефект на возило поврзан со горивото, тогаш тој не е предизвикан од квалитетот, туку од чистотата, односно со тоа дали резервоарот на бензинската пумпа е чистен или не. Исто така, може да се случи нафтата, зиме, кога е многу ладно, да кристализира и да предизвика некои оштетувања - објаснува Арсовски.
Македонија со европски горива Од Министерството за економија потсетуваат дека во моментов за квалитетот на течните горива се применува Правилник за квалитет на течните горива кој е донесен во 2007 година и дополнет во 2008 година и е согласно европските стандарди и директиви.
Инспекцискиот надзор за тоа како се спроведува Правилникот го врши Државниот пазарен инспекторат согласно законската регулатива, додека квалитетот на нафтените деривати при увоз го контролира Царинската управа на Република Македонија.
-Утврдувањето на барањата за граничните вредности на квалитативните својства на течните горива се врши со лабораториска анализа во акредитирани лаборатории согласно бараните светски стандарди - велат од ресорното министерство.
Тие укажуваат дека согласно Законот за енергетика кој е донесен на почетокот на 2011 година, изготвена е Уредба за квалитет на течните горива за што веќе е спроведена јавна расправа. Според нив, Предлог-уредбата содржи и План за следење на квалитетот на нафтените деривати, со кој се утврдува обврската на трговците на големо и трговците на мало за следење на квалитетот на течните горива, посебно за летен и зимски период во зависност од продажбата на секој вид течно гориво.
Согласно последната Одлука за определување на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика, цената на Еуросупер БС 98 е за 1,5 денари повисока од цената на Еуросупер БС 95.
Од скопската рафинерија ОКТА предупредија дека земјава од извозник на нафтени дериватни, до 2016 година ќе стане увозник. Токму затоа тие предлагаат државата да направи независна лабораторија за да го контролира увозот на нафтените деривати. Од Економија укажуваат дека според Правилникот за нафтени деривати, со донесувањето на уредбата ќе се овозможи бараниот мониторинг.
Според професорот од Машинскиот факултет, Миле Димитровски, од пред пет години македонските стандарди за горивата се усогласени со оние на ЕУ.
-Октанскиот број не може драстично да влијае врз оперативноста на возилото, може само да опадне моќноста и да има повеќе издувни гасови - појаснува Димитровски.
Октанскиот број го покажува квалитетот на бензинотОктанскиот број го означува квалитетот на горивото за мотори со внатрешно согорување и ја покажува детонационата карактеристика на бензинот. Тој ни покажува колку може горивото да се компримира пред да се запали моторот.
Октанската вредност се определува спрема референтни горива и тоа:
- изооктан кој е отпорен на детонација и има октански број 100, и
- хептан кој е склон кон детонации и има октански број 0.
Бензин со октански број 95 се однесува како смеса од 95% изооктан и 5% хептан.
Октанскиот број е важен за работата на моторот и треба да се употребува гориво со препорачан октански број од производителот на возилото. Доколку се употребува гориво со помал октански број тоа би довело до предвремено палење на горивото, што ќе доведе до детонации во моторот, неправилна работа и губење на силата на моторот, а со тоа и до зголемена потрошувачка на гориво.
Кривични пријави за царинска измама и криумчарење Надлежните служби деновиве утврдија дека скопска компанија за преработка на нафта и нафтени деривати увезувала стока забранета за увоз. Против неа се поднесени кривични пријави за "царинска измама" и "криумчарење", а се водат и прекршочни постапки за вкупно 561 записник за царински прекршок
Царинската управа и одзеде девет одобренија за поедноставени постапки на скопската компанија откако утврди дека сериозно ги прекршила царинските правила и прописи.
-Укинати се одобренијата за овластен примач, за локално царинење при увоз, за овластен испраќач и за локално царинење при извоз бидејќи компанијата не се придржувала кон одредбите од одобренијата и од Царинскиот закон, како и кон Уредбата за спроведување на Царинскиот закон - соопшти македонската царина. Од Царината информираат дека надлежните служби утврдиле дека компанијата увезувала стока забранета за увоз. Против неа се поднесени кривични пријави за "царинска измама" и "криумчарење", а се водат и прекршочни постапки за вкупно 561 записник за царински прекршок.
Според Царинската управа, компанијата скоро цела година работела без потврди за општа гаранција за транзитна постапка и не ги доставувала сите потребни документи веднаш, или најдоцна до наредниот работен ден што претставува грубо кршење на царинските прописи.
Во соопштението на Царината се препознаа од компанијата ОКТА од каде вчера во допис до медиумите искажаа реакција на одлуката на Царинската управа. Оттаму истакнаа дека одлуката на Царината во целост е неоснована и неоправдана, и нивното донесување значително ќе влијае на нормалното снабдување со нафтени деривати на локалниот и косовскиот пазар. Одлуката, велат од ОКТА, ќе создаде и сериозни проблеми во енергетскиот биланс на двете земји.
-Аргументите во овие одлуки се неиздржани и не се докажани, поради што ќе ги искористиме сите правни средства во рамките на управната и судската постапка, за докажување дека истите се неточни - тврдат од ОКТА.
Тие нагласуваат дека донесувањето на наведените одлуки ќе предизвика сериозни логистички проблеми. Рафинеријата ќе вложи напори да продолжи со сите потребни активности за нормално и непречено снабдување со нафтени деривати на пазарот.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=825D9990C994CD4B8D6D20D27791A1AC