Мерсел Биљали
МачнинаСамо кај нас можете катастрофално да загубите и да славите. Да изгледате триумфално. Да ви аплаудираат додека вие тажно се смеете. Да ја закопувате партијата и надежта со неа, само за да си ја спасите личната политичка кариера која најмногу е загрозена од вас самите...
Возејќи за на работа, на очи ми падна слаб средновечен човек кој депримирано стопираше со надеж дека некој возач ќе се смилува за да го земе. Од далечина се гледа дека животот на кутриот човек подолг период е заробен под канџите на голата мизерија и суровата сиромаштија. Летно облечен иако температурата беше многу ниска, чекаше смрзнат надевајќи се дека некој возач ќе се смилува. Во длабочината на неговиот уморен поглед лесно можеше да се прочита тешката животна мака и суровото страдање. Недолжен никому, и веројатно единствената грешка му е што по некоја случајност морал да живее во едно вакво лошо време. Во времето кога водачите ја градат нивната среќа врз несреќата на два милиона луѓе. Го зедов за да размениме по некој збор. Ми кажа дека има тргнато до едно друго село, до кај некој негов подалечен роднина триесетина километри подалеку, за да му побара пет кила брашно, оти фамилијата му гладувала. Дури не беше сигурен дали воопшто неговиот роднина е жив, бидејќи немал можност да го посети две години, но дека, ако Господ сеуште му дал век, ќе имал голема среќа - ми објаснова сопатникот. Бидејќи тој бил многу дарежлив па можеби ќе му даде и цела вреќа брашно.
Се потресов од неговата животна приказна и наеднаш мислите ми се вратија во моите златни години, кога не знаевме што е тоа сиромаштија. Тогаш по весниците можевме да прочитаме дека во Индија, Бангладеш и Пакистан луѓето ги продаваат нивните бубрези за да опстојат биолошки. Да не умрат од глад. Ни во сон не можевме да претпоставиме дека по неколку децении таквата сурова намаштија ќе се пресели кај нас. Мислевме дека новиот век ќе го дочекаме со тотална автоматизација, роботизација и технолошка фантастика.
Но, по некоја чудна органска еволуција, скоро три децении ние се движиме во спротивна насока со времето. Заглавивме во мрежата на вечната транзиција, каде што животот на човекот пропаѓа пропорционално со пропаѓањето на човечкиот морал. Каде што достоинството на обичниот човек е доведен до дереџе на колективен срам. Каде што обичните луѓе живеат сиромашно затоа што необичните треба да живеат богато. Сиротиот мој придружник, не по своја вина, се родил во времето кога патриотската лага му ја определува животната вистина. Живее во ерата кога страста за пари кај водачите ја определуваат неговата тажна судбина. А познато е каква магична моќ имаат парите. Тие, времето, просторот и зборовите ги прават неважни. Моралот, принципите и законите ги прават нефункционални. Впрочем, кога зборуваат парите устите молчат. Но, додека кај власта се гнезди среќата, кај обичните луѓе се гнезди тешката несреќа. Приказната за рајот и пеколот станува реалност на овдешен свет.
Моралот си молчи и кај религиите каде што по своја логика би требало да се наоѓа лулката на етиката. Но, познато е дека таму каде што се вселува неморалот, се исселува моралот. Одамна се знае дека богатиот неморал го победува сиромашнит морал. Верски и политички водачи, свртени кон секакви други богови освен кон вистинскиот Бог, хипокризично се крстат или се молат пред телевизиските камери, убедени дека секогаш ќе успеваат во тоа црниот ѓавол да го прикажат како да е бел ангел. Сопатникот ми кажува дека живее од две илјади денари месечно како социјална помош, но дека три месеци нема земено ни денар. Па за да преживее мора да собира некаква маковина (која мачно се собира). А маковина била некаква материја која може да се најде на дрвјата и потребни се околу десет часа за да соберете три кила маковина, за која не можете да добиете повеќе од шеесет денари. Или кило и пол брашно според речникот на мојот соговорник.
Пред шест години премиерот цело време не убедуваше дека ќе сме можеле економски да се развиеме надвор од НАТО и ЕУ. И дека ќе ни се случи нуклеарна инвестициона експлозија. Ни вети економски бум, а добивме немаштиски бум, и сега бројот на несреќниците се приближува кон бројот на жителите на државата. Но, тоа за власта и не е толку важно, бидејќи таа знае дека ни е кратко памтењето. Ние имаме слабо паметење ама силен грб. Поддржуваме да н# водат души без душа. И овие души пак насојуваат да н# убедат дека и за оваа состојба ама воопшто не се винови. Виновна била светската криза, Грција, ЕУ, меѓународната заедница, домашните предавници... А ние никако да разбереме дека не се работи за светска криза туку за ментална криза.
На луѓето им преостанува очајно да се молат: Господе, чувај н# од владеење кое дига споменици а урива луѓе; кое проповеда вера во Бога а го убива божјото кај човекот; кое слободата на говорот ја претвори во минута молчење; кое рекламира знаење а уништува образование; кое гради висок рејтинг за сметка на низок животен стандард; кое и кога бакнува впрочем касува; чувај не од владеење кое е поддржано од хајкашки и ушкачки новинари и медиуми; на кое хипокризична поддршка му даваат свештеници, научници, академици и политички отпадници; чувај н# од вледеење на кое му пеат поети со сатански стихови; од владеење кое со стравот од губењето на изборите го губи разумот. Но, Господе, пред с# чувај н# од нас самите, оти многу лесно се колнеме на секакви водачи, а уште полесно ги преколнуваме.
Полека но сигурно се претвораме во светски центар на апсурди и лудило. Само кај нас можете катастрофално да загубите и да славите. Да изгледате триумфално. Да ви аплаудираат додека вие тажно се смеете. Да ја закопувате партијата и надежта со неа, само за да си ја спасите личната политичка кариера која најмногу е загрозена од вас самите...