Во автомобилскиот маркетинг има се' помалку табу теми, па ниту покажувањето на среден прст на официјални рекламни фотографии веќе не не' изненадува.
Новоформираната компанија Fiat Chrysler Automobiles изминатава недела пред новинарите во САД ги презентираше своите пет-годишни планови за сите брендови во рамките на оваа автомобилска групација. Сепак, вниманието на новинарските објективи го привлече брошурата која токму со новинарите ја сподели американскиот производител Dodge.
На една од фотографиите се гледа средновечен маж кој ужива во дрифт возење зад воланот на спортскиот модел Challenger, но поради некоја причина, тој низ прозорецот го покажува својот среден прст.

Можеби Dodge на овој начин посака да им порача на мажите како успешно да минат низ средовечната криза, па така, едноставно може да купите Challenger и да го покажете својот став.
Втората контроверзна фотографија од пресс материјалот која го привлече вниманието на новинарите, е постерот на Dodge Charger кој е проследен со текст на кој пишува дека ниту едно младо момче не пораснало со постер од Passat на ѕидот во својата детска соба.

Со оглед на маркетингшкиот пристап за кој се определил Dodgе, може да се стекне впечаток дека целната група на овој производител ја чинат токму младите возачи и адолесцентите. Или можеби, најдобро е да се заклучи фактот дека мажите кои всушност ги купуваат овие модели се се' уште помалку деца?
Во секој случај, ова е можност да се потсетиме на автомобилите чии постери некогаш ги украсуваа ѕидовите на нашите детски соби, и секако, тоа беа автомобили за кои како деца мечтаевме, се' додека не пораснавме и добивме можност да купиме половен Golf.
LosiPatista