Apple вчера претстави не еден, туку дури 2 нови телефони, со што беа прекинати голем број на традиции. Додека јавноста е сеуште збунета за тоа кој карактеристики ги поседува кој телефон, да пробаме да ги разграничиме овие два модели...
Двата претставени модели ги носат имињата iPhone 5s (појакиот модел) и iPhone 5c (послабиот модел). Со претставувањето на овие два модели, прекинува продажбата на iPhone 5, но iPhone 4s ќе продолжи да се продава - што е малку чудна одлука од страна на Apple. Во оваа статија, ќе се фокусираме на посилниот модел, односно на iPhone 5s. Доколку сакате да прочитате повеќе за iPhone 5c, веќе го покривме овој телефон тука.
iPhone 5s ќе може да започнете да го нарачувате уште задутре, односно на 13-ти септември - доколку живеете во САД. Цената на уредот е 199 долари за моделот со 16 гигабајтен простор за складирање, 299 долари за моделот со 32GB и 399 долари за моделот со 64GB.
Бои
Постојат три различни бои во кои можете да го купите овој телефон - сребрена, сива и бело злато. Сребрената и сивата се замена за стандардните бела и црна боја, додека бојата на бело злато повеќе наликува на шампањ боја, каква што и сите очекувавме. За првпат се воведуваат три бои, наместо стандардните две (црна и бела) како што беше практика веќе неколку години.
Перформанси
Apple тврди дека A7 чипот е до 2 пати побрз од својот претходник. Ова претставува изненадување, бидејќи повеќето аналитичари очекуваа подобрување од само 30%. Ова ќе биде првиот 64 битен процесор на мобилен телефон, идентична архитектура на Core 2 Quad, i3 или i5 процесорите на Intel. Чипот поседува 1 милијарда транзистори, па едвај чекаме да го видиме во акција кон крајот на месецот.
Немаше никакви информации за RAM меморијата, со што се претпоставува дека таа останува на 1GB, идентично како претходникот.
Напредни сензори
Уредот посетува сензор (читач) на отпечатоци, вграден во Home копчето. Овојпат, Home копчето е направено од сафир, а преку скенерот се обезбедува едно ново ниво на сигурност. Сензорот може да чита повеќе отпечатоци истовремено (доколку повеќе корисници работат на телефонот) и исто така може да ги чита од различни агли.
Дополнително, телефонот ќе има вграден уште еден процесор (со ознака M7) кој ќе биде задолжен за акцелерометарот и жироскопот.
Камера
Задната камера останува на 8 мегапиксели, но овојпат секој пиксел е поголем, односно има големина од 1,5 микрони. Тоа би ни овозможило уште поквалитетни слики. Снимањето на видеа е исто така подобрено, па сега може да снимаме и во slow-motion.
Телефонот ќе има и вградена оптичка стабилизација на сликата.
Батерија
На крај, останува да погледнеме како ова влијае на батеријата. Apple ни ветува дека високите перформанси нема да ја „јадат“ батеријата, односно ќе добиеме 10 часа зборување на 3G, 8 часа сурфање на 3G и до 250 часа во stand-by.
Продажба
Телефонот ќе започне да се продава во САД, Франција, Германија и останатите поголеми земји на 20-ти септември, додека пак останатите можеме да го очекуваме „најдоцна“ до декември 2013-та година.
За цената во Македонија, останува да видиме. Предвидуваме астрономски цени на првите модели што ќе се донесат.
Извор:
http://gsm.mk/iphone-5s-prezentacija