На ваше барање, направивме споредбен тест на три од најпопуларните автомобили од ниската класа. ...

Сите со легендарни имиња, присутни повеќе од третина век на пазарите низ светот, Swift, Polo и Fiesta се знаменосците на ниската класа. Со различен конструктивен пристап, различни цени, различни мотори и различни дизајни, сите со цел да го освојат купувачот кој бара евтин, економичен и квалитетен превоз. За споредбата, ги одбравме основните модели – Swift со 94 КС, Polo со 70 КС и Fiesta со 82 КС.
Во следниот период на Koli.com.mk ќе објавиме повеќе споредби на популарни автомобили. Ова се главните критериуми по кои ќе се вршат споредбите:
1. дизајн
2. перформанси
3. управливост / стабилност
4. удобност / рафинираност
5. простор / практичност / ергономија
6. цена / опрема
7. потрошувачка / доверливост
8. безбедност
Победник ќе биде оној модел кој ќе освои најмногу поени, по принципот (2,1,0, или 2 поени за прво место според некој критериум, и 1 поен за освоено второ место според некој критериум. за освоено трето место по критериум – 0 поени).
Секако, различни купувачи им даваат различно значење на критериумите. Одберете ваши критериуми и ќе видите што најмногу лично вас ви одговара.
Дизајн
1. Ford Fiesta
2. Suzuki Swift
3. Volkswagen Polo
Интересно, најчесто конзервативниот германец со американсо потекло, овој пат со најхрабри чекори во однос на дизајнот. Fiesta предизвика воздишки уште со првото појавување – Kinetic дизајнот оддава динамичен и атлетски впечаток, токму онаков каков што сакаат младите купувачи особено оние од понежниот пол (иронично, кон автомобилот секогаш се однесуваат погрубо а и во авто-индустријата се уште се нарекуваат понежен пол). Сепак, за некои ваков дизајн е можеби префутуристички, а и за да се извади „максимум“ од него, потребни се големи фелни, кои заради цената за доплата, често купувачите кај нас ги одбегнуваат.
Од друга страна, Swift и Polo настапуваат со попрепознатлив дизајн, сличен како оној на нивните претходници. Можеби не се толку допадливи како Fiesta, но секој лесно ќе ги препознае, а можеби позначајно, имаат убавина која трае подолго, нели тоа е вистинската убавина, таа што тра. Од деталите, вреди да се споменат налутените предни светла на Polo, како и црните А столбови кај Swift а-ла Mini.
Fiesta е и најразиграна во внатрешноста, со материјали во повеќе бои. Swift исто така делува модерно, додека Polo останува верен на традицијата, со дизајн сличен на моделите на VW од пред десетина години...
Перформанси
1. Swift
2. Fiesta
3. Polo
И покрај тоа што цените не им се разликуваат премногу, трите автомобили нудат различна моторизација. Fiesta го има застарениот 1,25 литарски бензинец со 82 КС, Polo 1,2 литарскиот со три цилиндари и 70 КС, додека Swift целосно новиот 1,2 со 94 КС. Според самите бројки е јасно – Swift е убедливо побрз од другите два модели – до стотка му требаат 12,3 секунди. Fiesta заостанува плус една секунда, додека Polo до истата брзина стигнува за 14,1 секунда. Во реалноста, моторот на Swift е најжив и најагилен и најдобро поднесува високи вртежи, што носи и најголемо возачко задоволство. Моторите кај Polo и Fiesta делува помалку тромо...
Стабилност / Управливост
1. Swift
2. Fiesta
3. Polo
Kinetic дизајнот кај Fiesta најавува и добри динамички возни својства – така барем велат од Ford. Навистина, Fiesta е меѓу најагилните во класата и благодарение на прецизното управување, овозможува забава во возењето, но, иако малкумина знаат, не е најдобра... Во однос на стабилноста и управливоста доминира Swift, кој е подобар при брзи промени на правецот, постабилен на повисоки брзини, и овозможува најзабавно возење. Кај Polo, за разлика од претходните генерација, приоритет е даден на удобноста, па затоа губи кога се во прашање спортските гени.
Удобност / Рафинираност / Звучна изолација
1. Polo
2. Swift
3. Fiesta
Најмалку динамичен и агилен, но затоа Polo e најудобен меѓу тројката дефинитивно, и заедно со Swift нудат највисоко ниво на рафинираност при возењето и управувањето со командите.
Во поглед на звучната изолација, сите три конкуренти се солидни, но моторите на Polo и Swift се порафинирани, а исто важи за подвозјето кое испушта помалку звуци и вибрации.
Простор / Практичност / Ергономија
1. Polo
2. Swift
3. Fiesta
Покрај тоа што е најудобен, Polo има и најпространа кабина, што особено се забележува на задната клупа. Зад него, следува Swift, па потоа Fiesta, чии футуристички линии и форми во внатрешноста одземаат по некој сантиметар за патниците, но и од видното поле... Од друга страна, Fiesta има најголем багажник со 281 литри, додека Polo има 270 и Swift 211 литри. Swift и Fiesta предничат и во понудата на делива задна клупа уште во основното ниво на опрема, функционалност која во Polo се доплаќа.
Сите модели имаат одлична возачка позиција, со напомена дека Fiesta треба да се доплати за возачко седиште подесиво по висина. Командите се лесно достапни кај сите конкуренти, но оние не Fiesta бараат многу долго време за навикнување и делуваат малку збунувачки, оттргнувајќи го погледот од патот, што апсолутно не е добро во однос на ергономијата. Polo и Swift имаат и многу попрецизни и подобри менувачи и се многу попрегледни и напред и назад, што е од големо значење кога се вози во градски услови.
Цена/Опрема
1. Swift
2. Fiesta
3. Polo
Swift е вистински шампион кога е во прашање основната опрема, со клима уред, предни електрични стакла и ретровизори, централна со далечинско, радио со CD+MP3+USB, патен компјутер, 7 воздушни перничиња и ABS+ESP. Кај Polo и Fiesta се доплаќа за клима уред и патен компјутер. Polo нема ниту аудио систем во основното ниво, додека Fiesta нема електрика на прозори. Згора на тоа, Fiesta нуди само две воздушни перничиња и нема ESP, исто како и Polo, што е голем минус во однос на безбедноста.
Основната цена кај Fiesta е 8.990 евра, но со опрема барем приближна на онаа на Swift, цената се качува на 11.290 евра. Swift чини 9.990 евра, односно 11.490 евра во луксузно опремениот GLX модел (далеку поопремен од конкуренцијата), додека основното Polo со моторот со 70 КС чини 12.142 евра, односно 12.550 евра во поопремениот Comfortline пакет. Според понудениот мотор, а и според понудената опрема, Swift е вистински шампион во односот вложено добиено.
Потрошувачка/Одржување
1. Swift
2. Polo
3. Fiesta
Ако се погледнат само фабричките податоци, лесно може да се добие погрешна слика за потрошувачката. Реалните бројки се други. И покрај тоа што има најсилен мотор (94 КС), Swift е убедливо најштедлив автомобил. Реално, во град, Swift се задоволува со извонредно ниски 6,5 литри, за разлика од Polo кој троши 8, а застарениот мотор кај Fiesta троши над 9 литри на 100 km.
Според минатите искуства, но и истражувањата за доверливост, Swift котира убедливо највисоко, додека Fiesta важи за модел со кој често ќе одите во сервис. Јапонецот има и највисока гаранција, што значи и најголема заштеда на домашниот буџет. Во поглед на квалитетот, сите модели нудат слична пластика во внатрешноста, но Polo и Swift имаат подобра завршна обработка и секако материјали кои подобро му се противат на времето, што значи дека подолго автомобилот ќе изгледа како нов, а со тоа и чувството дека возите нов автомобил ќе трае подолго.
Безбедност
1. Suzuki Swift
2. Volkswagen Polo
3. Ford Fiesta
На тестирањата на EuroNCAP, сите три модели завршија со пет ѕвездички, но Fiesta ги заработи истите на постарите тестирања. Сепак, тие ѕвездички во основните модели важат само кај Swift, кој стандардно е опремен со контрола на стабилноста и цел се воздушни перничиња. Polo нема контрола на стабилноста, додека Fiesta има само 2 воздушни перничиња.
Заклучок
Најисплатлив, со најмногу опрема, најбрз, најзабавен за возење и со најекономичен мотор, но најбезбеден... Swift убедливо победува пред конкурентите. Во поглед на удобноста при возењето, пространоста и практичноста, Polo за нијанса е пред Swift, но германскиот модел е премногу скап, сиромашно е опремен и има слаб и недоволно економичен мотор. Убавицата Fiesta се однесува навистина динамично на патот и има најниска почетна цена, но опремата е многу сиромашна, моторот тром и со највисока потрошувачка, има послаба ергономија, а возењето не е удобно како кај конкурентите од оваа споредба.
Ако сакаме да пренесеме низ бројки поединечните критериуми, распоредени по 2,1 и 0, вака би изгледал крајниот редослед:
1. Suzuki Swift 12 поени (победник во 5 од 8-те категории)
2. Volkswagen Polo 6 поени (најдобар во 2, но многу значајни категории)
3. Ford Fiesta 6 поени (најдобра во 1 категорија - дизајн)
Иако Polo има вкупно помалку поени од Fiesta, заради тоа што победува во многу значајни категории (удобност, простор...), поставен е на второто место во оваа споредба.
Како и секогаш, така и сега, ве советуваме. Не читајте многу. Ниту странски или домашни списанија или сајтови, па ниту Koli.com.mk (иронично ве советуваме, нели?), ниту пак гледајте англиски емисии и судете според тоа. Одете во салоните и повозете ги автомобилите. Ништо не е толку реално и вистинито, колку вашето чувство кога реално ќе ги пробате моделите. Никој ништо не може да ви наметне додека сами не го пробате нештото. Наше е да ве насочиме како треба да се размислува при избор на автомобил, и да ги наведеме најзначајните критериуми. Крајниот избор секако дека останува на вас.
http://koli.com.mk/novosti_vnatresna.aspx?id=2728