Како да си направите преносен климатизер, едноставен и евтин за изработка?
Има повеќе варијанти на интернет, па ова е моја комбинација од тие сознанија и пробана практично.
1. Потребни ви се: еден пластичен сад, патрон или два со амонијак од оние за преносни фрижидери, вентилаторче од компјутер.
2. Се сече отвор на капакот од садот доволно за да налегне убаво вентилаторчето но не и да пропадне.
3. Се прицврстува вентилаторчето од горната страна на капакот.
4. Еве како изгледа тоа гледано од долната страна на капакот.
5. На долниот дел од садот се бушат издувни дупки низ кои ќе излегува ладниот воздух.
6. Еве како изгледа тоа гледано и од внатре на садот. Дупките ги бушев со обичен шилест штрафцигер, а можете со што сакате. Некои варијанти прават издувни дупки на горниот дел од садот или на капакот. Мојата логика беше од горе да го вовлекува топлиот воздух, а од долу да го издувува.
7. Вентилаторчето го поврзав со УСБ кабел за компјутер, за да може да се користи и покрај компјутер. Може да искористите некој кабел од стар, неисправен уред. Обично црната жица е минус а црвената плус. Вентилаторчето, во мојот случај е од оние за ладење на процесорот што работат на 12 волти.
8. Патронот (кај мене во садот собира и два) добро изладен во замрзнувач се поставува во садот.
9. Се затвора капакот и се приклучува климатизерот на УСБ приклучок. Вентилаторчето почнува да врти а од издувните дупки почнува да ви доаѓа ладен воздух. И така додека да се одмрзне патронот (на нив е обично декларирано 6 часа, но во пракса бидејќи е забрзано ладењето, трае пократко).
10. Бидејќи намената на климатизеров главно ми беше за во постаро возило кое нема вградено климатизер, одбрав прилучокот да ми биде на УСБ и да користи струја од адаптер за полнење мобилни телефони во кола кој се вклучува на местото на запалката а има УСБ излез. Стандардно таквите уреди имаат излез од 5 волти па вентилаторчето врти но со намалена сила. За да го постигнам максималниот ефект на вентилаторчето, во адаптерот направив преспојување за и на излез да даде директно 12 волти од акумулаторот, со тоа што ми останува УСБ приклучокот.