Зошто користените автомобили станаа толку евтини?
Огромен теренец стар седум години чини колку нов „Голф“, бизнисменски лимузини се достапни за сите. Што се случи? Високите еколошки давачки при регистрирањето во земјите во ЕУ направија колите да се евтини, но поседувањето скапо. Нерегулираните пазари како нашиот плаќаат уште поскапо.
Во последните неколку години се случи досега невидена девалвација на користените автомобили на целиот европски пазар. Десет години стари лимузини од престижни марки чинат три до четири илјади евра, големи теренци се нудат најмногу за двојно повеќе. Mercedes ML 270 CDI од 2004 година, со 350.000 километри и комплетна опременост, во двор на германски трговец со користени автомобили е достапен за 5.850 евра, односно 4.900 евра без ДДВ. Нетаксирана лимузина од класата Е со „четири очи“, во моделска изведба E 320 CDI со 197 КС, со прва регистрација во 2004 година и оригинални 200.000 километри, со повраток на „мервертштоер“ чини едвај повеќе од 3.000 евра. Ова мора да е најголемата автомобилска револуција во историјата.
Колку повеќе штетни материи во издувот толку повеќе пари за регистрација
Автомобилите се евтини, но нивното поседување е скапо. Поточно, нееколошките автомобили. Со исклучок на неколку земји, висината на трошоците за регистрација на автомобилите во подрачјето на ЕУ се одредува според емисијата на СО2. Формулата е едноставна: Колку повеќе штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина излегуваат од издувниот систем, толку повеќе мора сопственикот да й плати на државата за неговиот автомобил да продолжи да се движи по патиштата, односно да ја загадува животната средина.
Mercedes од класа Е и Opel Corsa чинат исто?
Еколошки совесните држави ги привилегираат автомобилите со ниска емисија на СО2 и или комплетно ги ослободуваат од скапите давачки при регистрација или пак воведуваат посебна категорија со намалени давачки. На автомобилите од пониските класи, со помали мотори и ниска потрошувачка на гориво, цената воопшто не им се променила. Напротив, некои чинат и повеќе на пазарот на користени возила. Opel Corsa, на пример, регистрирана во 2002 година, со бензинец од 1,2 литар и 75 КС, со километража под сто илјади, кај истиот германски трговец со користени возила чини 3.000 евра. Голема лимузина на Mercedes од класата Е и три класи помалечка Opel Corsa чинат исто?
Германците ја ценат еколошката погодност на возилото
Вистинската цена на возилата, а тоа значи цената во која што влегува и користењето, се дознава дури по примената на формулата според која што се пресметува висината на давачките при годишната регистрација. За германскиот пазар е едноставно. За секои сто сантиметри кубни работна зафатнина на моторот, за возила со бензински мотор се плаќа две евра, за дизели 9,5 евра. Во случај на Corsa тоа се 24 евра, за Mercedes се 190 евра.
Opel заштедува 819 евра во период од три години
Покрај оваа основна такса за регистрација, во Германија се плаќа и такса за СО2, во висина од две евра за секој грам од штетниот гас, без разлика на еколошката норма или каков било друг параметар на автомобилот. Овој данок за Corsa изнесува 308 евра, додека за Mercedes е 414 евра. Во збир на двата данока, сопственикот на малечката Corsa секоја година й плаќа на државата 332 евра, а оној на класата E по 605 евра. За период од три години, колку што обично изнесува периодот на замена на возилото, возачот на Mercedes плаќа 819 евра повеќе од возачот на Opel, што претставува речиси една третина од набавната вредност на возилото.
Германската држава, или како уште сака да се нарекува „автонацијата“, гледа повеќе либерално кон еколошката погодност на возилата, што воопшто не значи дека екологијата е запоставена. Како народ што има слабост за последната технологија во светот на четири тркала и воопшто, а уште повеќе има и стандард што го дозволува истото, Германците ги менуваат старите автомобили со нови и без присила од ригорозни еколошки норми од страна на државата.
Ригорозно во Франција: 7.000 евра за регистрација на голем теренец со преку 200 КС
Системот е многу поригорозен во Франција. При првата регистрација на возилото, сопственикот плаќа „малус“, односно казна за нееколошката погодност, доколку емисијата на СО2 е поголема од 135 грами на километар. За секое возило со емисија над 200 грами СО2, овој малус изнесува 6.000 евра! Дополнително, секоја година се плаќа и еколошка такса за возилата со екстремно висока емисија на СО2, во случајов 190 грами на километар, во висина од 160 евра. На тоа следува и регионалниот данок, кој се пресметува од фискалниот број на коњски сили, помножено со фактор на емисија на СО2. Во зависност од регионот и од емисијата на СО2, за секоја фискална коњска сила се плаќа меѓу 27 и 51,20 евра. Во случај на возило со 20 фискални КС, за годишна регистрација ќе се плаќа повеќе отколку што вреди возилото.
Тоа што е евтино за продавање е скапо за поседување
Токму тоа е објаснувањето зошто користените автомобили одеднаш станаа евтини. Сопствениците на автомобили со тешки каросерии и големи мотори со висока потрошувачка на гориво и соодветно висока емисија на штетни гасови повеќе немаат интерес да ги задржат нивните автомобили, поради големие давачки што треба да се плаќаат кон државата. Од истата причина, никој нема интерес и да го купи тоа возило. Како резултат, возилото што никој не го сака губи на вредност, станува евтино, неинтересно. Евтино е затоа што е скапо неговото поседување. Кристално е јасно.
Македонија не разликува еколошки и нееколошки автомобили
Тука стапуваат на сцена нерегулираните пазари, меѓу кои и македонскиот пазар, каде што евтините автомобили наидоа на одушевувачки прием. Близу 200.000 возила се увезени откако државата ги симна сите рампи. За регистрирање на автомобил со 200 КС во Македонија се плаќа најмногу 5.776 денари, врз основа единствено на моќноста на возилото. Нашата држава воопшто не ги разликува еколошките и нееколошките возила. Откако екологијата почна да го дефинира развојот на новите генерации на возила, законите во светот постојано се приспособуваат на актуелните норми, во интерес на заштита на животната средина. Инаку на сите ќе им се случеше тоа што е македонско секојдневие – дишење воздух со канцерогено ниво на загаденост со неразградливи честички.
Имаме помалку возила од Европјаните, но повеќе сме загадени
Нашиот возен парк ниту оддалеку не го достигнува степенот на моторизација на европските земји, иако во минатите години се случи драстично зголемување на бројот на возила во државата, но според загаденоста е исто како да имаме десетпати повеќе возила од нив. Токму поврзувањето на еколошката погодност на возилата со висината на трошоците за нивна регистрација во земјите во ЕУ имаше за цел да се спречи загадувањето што ни се случува нам.
Отруени од простотилак и незнаење
Македонија покажа елементарно непознавање на ситуацијата со загадувањето од автомобилите, неспособност за предвидување на развојот и незаинтересираност за раководење со возниот парк. За некаква одговорност пред народот воопшто и да не се помислува. Ние се отрувме од простотилак, од незнаење. Но, не сме виновни ние што ги купувавме еколошки непогодните возила, туку тие што не нé спречија да го направиме тоа. Заштитата на животната средина е должност на секоја единка, но кога државата е незаинтересирана, не може ниту единката да биде функционална.
Новите стари возила не се почисти од возилата од стариот систем
Уште пред многу години државата требаше да реагира, првите алармантни знаци почнаа да се покажуваат во 2008 година, кога Светската Здравствена Организација објави ниво од 80 микрограми честички ПМ10 на метар кубен атмосферски воздух, за 30 над дозволениот максимум. Денес имаме загаденост што е до дваесет пати поголема од нивото што светот го смета за штетно. Без автомобили не се може, тоа е факт. Но, без големи, тешки, неекономични и нееколошки автомобили можеме. Место целосно занемарување на еколошката погодност на возилата, можеше да се дозволи увоз на помалечки и штедливи возила, кои бездруго чинат исто колку големите лимузини по кои сите се залетавме.
И покрај сé, дилетантските изјави и тврдења нема да завршат уште долго време. Оние што требаше да одговараат за еколошката катастрофа предизвикана од нерегулираниот увоз на автомобили и натаму ќе тврдат дека дваесетгодишните лимузини со светкави знаци се почисти од старите стокецови, југа или фиќа. Зарем навистина? Не се сеќаваме дека до пред пет шест години немавме „стаклено ѕвоно“ над секој поголем град во Македонија. Овие ѕвона се гледаат од секое повисоко место. Во нив треба да дишеме и живееме.
Колку чини регистрација на нечисто возило во земјите во ЕУ?
Како пример за пресметка на трошоците за регистрација на еколошки назадните возила во земјите од ЕУ го земавме големиот кросовер на Audi, седумседот Q7. Во моделската изведба 3.0 TDI, со трилитарски турбодизел со 233 КС, погон на сите тркала quattro и менувач tiptronic, Audi Q7 произведен во 2006 година чини на пазарот на користени возила околу 16.000 евра, според каталогот на вредности на Schwacke. Со емисија според нормата Euro 4 III и просечна потрошувачка од 10,5 литри дизел на сто километри, од неговиот издув според фабричките податоци излегуваат по 282 грами СО2 на секој километар. За годишна регистрација на овој автомобил во Германија се потребни 849 евра, додека во Франција повеќе од 7.000 евра!
Австрија
NoVA или данок за потрошувачка на гориво се плаќа при првата регистрација на возилото. За нашиот Audi, пресметката изгледа вака: 2% од вредноста на возилото х (потрошувачка на гориво – 2 литри). За автомобилите со емисија на СО2 над 150 g/km се плаќа казна од 25 евра за секој грам СО2 над вредноста 150. Дополнителни 25 евра одат за секој грам над 170 и уште по 25 евра за секој грам над 210. За емисија над 5 mg неразградливи честички се плаќаат уште 300 евра. На крај, првата регистрација на Audi Q7 од 2006 година во Австрија ќе чини 5.966 евра.
Франција
При купувањето возило, казна се плаќа за секој грам СО2 над вредноста од 135 g/km. За сите возила со емисија на СО2 над 200 g/km се плаќа единствена висина на казна од 6.000 евра. Дополнително, секоја година се плаќа казна во висина од 160 евра за сите возила со емисија на СО2 над 190 g/km.
Трошоците за регистрација се одредуваат врз основа на фискалната моќност, помножено со факторот на еколошката погодност. Во зависност од регионот, за секоја фискална КС се плаќа меѓу 27 и 51,20 евра. Audi Q7 конкретно спаѓа во фискалната група со 20 КС, со регистрација во висина од 1.024 евра.
Германија
Висината на годишната регистрација се состои од два данока. За основниот данок, 9,50 евра се плаќаат на секои 100 сантиметри кубни работна зафатнина на моторот (во случај на дизелски мотор), а еколошкиот данок се плаќаат по 2 евра за секој грам CO2, без разлика на еколошката норма. Конкретно, годишната регистрација изнесува 849 евра.
Велика Британија
Годишната регистрација изнесува 475 фунти (579 евра) за возила со емисија на СО2 над 255 g/km. Првата година регистрацијата чини 1.030 фунти, односно 1.255 евра (над 255 g).
Шведска
Увоз е дозволен само за возила од норма Euro IV и повисоко. Годишната регистрација се состои од основна давачка, во висина од 360 круни, плус 20 круни за секој грам CO2 над 117 g/km. За дизелски мотори оваа вредност се множи со фактор 2,33. За дизелски регистрирани по 2008 година дополнително се плаќа 250 круни. Вкупно 8.778 круни, односно точно 1.000 евра за Audi Q7.
Шпанија
За возила со емисија на СО2 над 200 g/km се плаќа прва регистрација во висина од 14,75 проценти од вредноста на возилото. Конкретно 2.360 евра.
Словенија
Возила со емисија на СО2 над 250 g/km и дизелски мотор подлежат на трошок за прва регистрација во висина од 31% од вредноста на возилото, односно 4.960 евра.
Португалија
Пресметката се врши според следната формула: 127,97 евра х g/km – 23.434,67 евра. За Audi Q7 3.0 TDI се плаќа прва регистрација во висина од 12.652 евра. Годишната регистрација исто така се одредува според емисијата на СО2, староста на возилото и зафатнината на моторот.
Ирска
Првата регистрација за возила со емисија на СО2 над 255 g/km чини 36% од вредноста на возилото, односно 5.760 евра.
Годишната регистрација за нашиот Q7 изнесува 2.350 евра.
Грција
Годишната регистрација се одредува врз висина на емисијата на СО2. За возила со емисија над 225 g/km се плаќа 3,40 евра за секој грам, односно 958,8 евра.
Извор: Аутомедиа