dnevnik.com.mk
НОВИ ЕВРОПСKИ ПРАВИЛА ЗА ПОТЕKЛОТО НА СТОKАТА
Ознаката „Мade in Germany“ гарантира квалитетен и сигурен производ, но наскоро на германските производи нема да го има овој знак. Германските фирми на извезената стока ќе можат да го стават овој печат само ако најмалку 45 отсто од стоката навистина е произведено во Германија, а не во погоните на некоја азиска земја
Сите ние одамна се навикнавме да купуваме стока, посебно техничкa, со ознаката „Мade in Germany“ затоа што со тоа ни се гарантираше квалитетен и сигурен производ, без разлика дали тоа се работи за автомобил, пегла, телевизор или друг вид стока.
За жал, наскоро, повеќе нема да го има овој знак на германските производи. А виновникот за тоа е Литванецот Алгирдас Шемет, член на Европската комисија во Брисел, комесар за данок и царина. Тој деновиве ја почна својата кампања за воведување ред и усогласеност на пазарот, кога се работи за означување на земјата на потекло за некој извозен бренд.
Прва на нишан на оваа кампања се најде ознаката позната низ целиот свет „Мade in Germany“. Тој веќе најави дека во иднина германските фирми на извезената стока ќе можат да го стават овој печат само ако најмалку 45 отсто од стоката навистина е произведено во Германија, а не во погоните на некоја азиска земја.
Оваа најава од литванскиот комесар во ЕK предизвика силна реакција кај индустријалците низ Германија со оцена дека такво нешто ќе им нанесе „неизмерлива штета“ на нивните производи.
Владата во Берлин, на чело со канцеларката Ангела Меркел, веднаш се вклучи во акцијата за поддршка на германската индустрија и вложи остар протест во Брисел. Факт е дека Германија продава различни автомобили, електроника и разни видови машини со брендот дека тие се произведени во таа земја, а всушност тие се склопувани од делови произведени во разни далечни земји, посебно од земјите на третиот свет. Евтината работна рака во Kина, Тајван, Пакистан, Тајланд, Филипините, од лица, а не ретко и деца, што работат деноноќно за десетина евра месечно, додека моќните германски фирми и фабрики заработуваат десетструко, па и повеќе, само затоа што го ставаа печатот „Мade in Germany“ на тој производ.
Kонечно, еврокомисијата во Брисел реши да стави крај на ваквиот бизнис за богатење на грбот на сиромашните, но пред с`, конечно да се знае што и каде е произведено за да не се лажат купувачите и муштериите.
- Доколку Шемет го даде својот предлог на Европскиот парламент, тогаш тој ќе мора да смета на нашиот голем и упорен отпор - изјави германски претставник во Европарламентот во Стразбург, Андреас Шваб.
Претседателот на Германската индустриска комора, Ханс Хајнрих Дрифтман, истакнува дека ако се прифати овој предлог, тогаш нашите производи нема да бидат повеќе германски.
Вистината е дека германските производи не се германски затоа што 90 отсто се направени од делови увезени од далечните земји, а во Германија само се дотеруваат и монтираат. Така е и со облеката и со многу други производи, на кои се заработува многу.
Ако предлогот на Шемет се прифати, тоа ќе предизвика загрозеност за германскиот извоз на светскиот пазар. Па затоа не е ништо чудно што германските индустријалци покажуваат голема загриженост. Меѓутоа, канцеларката Меркел ќе стори се Шеметовиот предлог да не биде прифатен или пак коригиран!
Драшко АНТОВ