Нафтата во дизел моторот се вбризгува под голем притисок во веќе претходно компримиран воздух исто така под висок притисок во цилиндрите каде што има висока температура поради компримирањето на воздухот. Со самото тоа доаѓа до согорување на нафтата и експанзија. Доколку наместо нафта, би се ставило бензин, истото би се случило, согорување, само што бензинот е позапалив и поексплозивен, па моторот не е предвиден на такви согорувања и експанзии, и е многу веројатно да дојде до сериозно оштетување на моторот.
Кај бензин моторите, тоа е решено поинаку, така што за запалување на бензинот е потребно претходно соединета смеса од воздух и бензин (бензинот е испарлив и брзо се соединува со воздухот) и така спремната смеса со помош на свеќица се пали и прави согорување и експанзија. Во случајот да се стави нафта во бензински мотор, едноставно тој ќе изгаси бидејќи нема да се направи соодветна смеса на нафта и воздух (нафтата не е испарлива како бензинот и не се соединува со воздух лесно) па нема да дојде до запалување на горивото иако има свеќица.
Најновите бензински мотори веќе го вбризгуваат горивото директно во цилиндерот (не како претходно карбураторски или пред влезниот усисен вентил) додека се прави тактот за всмукување на гориво, па при наредниот такт за збивање се меша горивото со воздухот и се прави смеса од воздух и гориво и доаѓа до согорување со помош на свеќичка.
Затоа внимавајте да не помешате гориво, особено ако возите дизел.