Еве нешто мое, напишано кога инспирацијата и слободното време ќе се договорат да ми дадат знак. Душко Радовиќ рекол: не е на арно човек да има премногу слободно време — тогаш му паѓаат премногу идеи на ум.
Прашалник
Јас не живеам во одговори
туку во прашања што одбиваат крај.
Дали времето оди напред,
или ние назад во неговата сенка?
Светот е мисла што се мисли себе,
јазикот обид да се фати ветрот.
А што ако зборот "љубов" е премал
за сè што тивко нè држи живи?
Се прашувам дали јас го сонувам светот,
или светот ме сонува мене?
Дали сум создаден за да творам,
или творам за да не се распаднам?
Во секој здив нов универзум,
во секое око огледало од друг свет.
Ако молчам доволно долго,
ќе ја чујам ли вистинската мисла?