"gt"Веќе сме навикнати кога ќе излезе некој нов автомобил од Ferrarri, Bugatti, Lamborghini, Aston Martin или од некој друг производител на супер автомобили, да имаат астрономска цена.
Но кога ќе слушнеме дека некоја компанија, која нема уште изградено реноме во автомобилскиот свет произвела автомобил кој чини 500 000 евра, прво зачудено ги креваме веѓите, а потоа проверуваме за што станува збор.
Во случајов станува збор за Tramontana, компанија со седиште во Costa Brava, Шпанија, која го произведува истоимениот автомобил. Дизајнот е навистина необичен и претставува комбинација на Formula 1 болид и борбен авион.
Tramontana има вградено 5.5 литарски V12 битурбо мотор со максимална сила од 720КС, а до 100km/h стигнува за 3,6 секунди, а максималната брзина изнесува 325 km/h.
Екстериерот е целосно изработен од карбонски влакна, вклучувајќи ги и 20“те бандажи. За запирање на овој монструм ќе се грижат огромните карбонско-керамички дискови.
Ентериерот е комплетно преземен од борбените авиони. Иако двосед, овој автомобил нема класичен распоред на седењето, туку седиштата се позиционирани едно зад друго. Во кабината нема многу детали, само најосновните работи за возачот, волан, мерачи за брзина и вртежи, неколку прекинувачи и шестостепениот секвенцијален менувач позциониран од десната страна на возачот. Кабината се отвара нагоре, по принципот на борбените авиони.
Tramontana ќе се произведува во само 12 примероци годишно, а листата на чекање е долга и малкумина се оние кои го поседуваат ова техничко чудо.