РЕМОНТ ИЛИ СТРАТЕГИЈА на РАФИНЕРИЈАТА
„Окта“ престана со работа

Од година на година „Окта“ ги намалува проекциите за преработка на сурова нафта, а најчесто и нив не ги реализира, но затоа го зголемува увозот
Рафинеријата „Окта“ престана со работа. Според информацијата што ја имаат во Општина Илинден, на чија територија се наоѓа рафинеријата, прекинот на работата се должи на ремонтот на постројките, кој ќе трае еден-два месеца. Таа информација е официјално добиена. Меѓутоа, она што се зборува во круговите од нафтениот бизнис е дека прекинот на работа може да биде подолг и дека е дел од стратегијата направена од новото раководство.
Информациите зборуваат дека на состанок на раководството, кој се одржал пред неколку недели, сериозно било расправано за идејата рафинеријата да биде затворена на една година и во тој период пазарот во земјава би се снабдувал со готови деривати произведени во „Хеленик петролеум“, а со цел да се намалат трошоците и да се подобри финансиската состојбата на матичната компанија. Меѓутоа, истите извори посочуваат дека главна пречка за реализација на оваа идеја бил притисокот од меѓународната заедница, од причина што „Окта“ е главниот снабдувач со гориво на Kосово (над 70 отсто) и ако престане со работа, би постоел голем ризик за новата држава, односно зголемување на нејзината енергетска зависност од Србија. Оттаму, наводно, бил донесен заклучок дека престанокот со работа треба да биде на период од шест месеци.