Стјуардите ги казнија Алонсо и Ферари
Техничките лица на ФИА го пријавиле Ферари кај стјуардите на трката бидејќи во три наврати го користел флексибилното задно крило (ДРС) кога не бил во интервал од една секунда со болидот пред него.
ДРС е замислен како помош при престигнување и е дозволен да се користи само ако оној што ја напаѓа позицијата на другиот е на разлика помала од една секунда, а според пресметките, на тој начин добива околу 25 километри на час на правците. Стјуардите го потврдиле наодот на техничките лица и изрекле казна од 15 илјади евра, но Алонсо и Ферари ги задржуваат бодовите освоени за петтото место.
- Тимот не променил ништо во својот сетинг пред трката, а возачот некоректно добил порака дека употребата на ДРС е дозволена во три случаи. Веднаш штом тимот станал свесен за проблемот, му наложил на возачот да го користи ДРС само по добиена порака од екипата. Иако со тоа стекнала мала спортска предност, помала од една секунда во текот на целата трка, екипата имала проблеми да го користи во легални околности,- се вели во соопштението на стјуардите по трката.
Според Алонсо, ова е крај на еден проблематичен месец во кој на три трки тие не биле во можност да парираат на другите екипи.
- Сепак, гледано од аспект на поените кои ги освоивме, не изгубивме многу денес. Хамилтон и Раиконен ни помогнаа да ја одржиме разликата со Фетел. Наша цел сега е да работиме напорно и да пристигнеме во Спа и Монца со поконкурентен болид. Има уште девет трки до крајот, па поените што се на располагање се повеќе од доволни. Тимот може да го направи тоа, потенцијалот е тука, па не гледам причина зошто не би можеле да се бориме до крајот на сезоната, како што секогаш и сме правеле,- изјави Алонсо од своја страна.
http://derbi.mk/index.php/motorsport/formula-1/item/5772-stjuardite-gi-kaznija-alonso-i-ferrari