Во стара Грција, Сократ важел за човек што го цени знаењето. Еден ден познаник му пришол и му рекол: „Знаеш ли што слушнав за твојот пријател?“. „Чекај малку“, му одговорил Сократ: „Пред да ми кажеш што било, сакам да ти направам мал тест. Се вика тест со троен критериум. Пред да почнеш да ми кажуваш што било за мојот пријател, би можел на момент да размислиш дали тоа задоволува одредени критериуми. Првиот критериум е ’вистина’. Дали си целосно сигурен дека тоа што сакаш да ми го кажеш е вистина?“
„Не“, одговорил познаникот, „само што слушнав и...“
„Добро“, рекол Сократ, „значи, не си целосно сигурен дали е тоа вистина или не. Да видиме сега, следниот критериум е ’добро’. Дали тоа што сакаш да ми го кажеш е нешто добро?“
„Не, напротив...“
„Значи“, продолжил Сократ, „сакаш да ми кажеш нешто лошо за него, а не си сигурен дали е точно. Сѐ уште можеш да поминеш на тестот, затоа што има уште еден критериум - ’корист’. Дали тоа што сакаш да ми го кажеш за мојот пријател, ќе ми биде корисно?“
„Не, не баш.“
„Па“, повторно рекол Сократ, „ако тоа што сакаш да ми го кажеш можеби не е вистина, за мојот пријател не е добро, а за мене не е корисно, зошто воопшто би ми кажал такво нешто?“
Токму така, некои работи подобро никогаш да не ги дознаеме. Ама со тоа нема ли да ги затвориме очите и да се негираме себеси. Можеби, токму онака како што кажува и приказната во продолжение: „Токму затоа Сократ никогаш не дознал дека пријателот сакал да му каже дека спие со неговата сопруга“.
Така и ние. Не сакаме да слушаме ништо лошо за нас. Зашто, нели, ние сме најпаметни, најубави, најхрабри.
Ама не сме. Завчера вторпат се одржа протест против поскапувањата на струјата и парното греење. Ако на првиот протест, кој се одржа само во Скопје, имаше околу 1.000 граѓани, сега на скопскиот протест дојдоа околу 700. Што и не е воопшто голема бројка ако се земе предвид дека протестот е за нешто што ги засегнува сите, независно од политичката определеност, верската и етничката припадност. Ама таков чурук-народ сме биле отсекогаш. Друг да ни ја заврши работата, да не мрднеме со прст.
А впрочем, па зошто да се бунтуваме, кога наместо тоа, можеме да си се скриеме во своите куќички како полжави, да си ги собереме нозете, удобно да си се сместиме во фотелјите и да го вклучиме телевизорот и да гледаме што се случува надвор. Како ние да не сме дел од таа реалност, како тоа да му се случува на некој друг, како да гледаме вести од светот. А за да ни биде покомотно, ќе си отвориме и топло пиво (оти, нели, штедиме и ги исклучивме фрижидерите) и ќе јадеме жива пченка наместо пуканки оти, се разбира, не сакаме да го вклучиме шпоретот. И така зобајќи жива пченка, ќе им се восхитуваме на оние што протестираат во наше име. На оние што уморни по работа се упатиле на плоштад и, бришејќи си ја потта од челото, во глас скандираат: „Апаши, лопови, ова не е парно, ова е порно!“ И ќе ни биде многу фино. Можеби и на глас ќе коментираме: „Ај, мрзлив народ, види колку малку се собрале. А да одам и јас на следниот протест?“ И веднаш ќе бидете нападнати од сопругата: „Што? Зарем си спобудалел. Остај ги, седи мирен, да не те види некој, па да те избркаат од работа.“
Ако, пак, сте самци, можеби и сериозно ќе размислите дали да го смените статусот оти, нели, планирате бојлерот да го вклучувате само еднаш неделно, како во времето на баба ви, а свесни сте дека такви неизбањати нема да си најдете партнер. „Пофино ми е да сум сам“, ќе си речете и ќе продолжите да си гледате телевизија и потајно да се надевате дека некој друг наместо вас, сепак, ќе успее да издејствува и да ја намали цената на струјата, па и вие да живнете и да се усреќите.
И секогаш така. Ќе се бунтуваме од сенка. Ќе си ги пребројуваме ситните денарчиња од паричникот и ќе си ги плаќаме сметките како попчиња. Токму онака како што вели „Бернајс пропаганда“ во една песна: „Намести фризура и гладувај“.
А Сократ може да поставува колку сака критериуми, ама за некои работи, можеби, има право. Оти гледајќи го сиромашниот народ, кој чека сѐ да му падне од небо, дури сега знам дека ништо не знам.
Автор: Биљана Стојановска
http://m.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.aspx?vestId=8231292955&r=13&t=n