„Шкода“ ќе проверува 12.700 возила поради дефект
Чешката автомобилска компанија „Шкода“ објави дека е можно да има дефект кај 12.700 возила со дизел мотори произведени во нејзините погони во периодот од 2009 година до денес
Кај дизел-автомобилоте од моделите „октавија“, „суперб“ и „јети“ е можно да се појават пукнатини во цревото за довод на гориво. Ако има такво нешто, објаснуваат од компанијата, возачот ќе почувствува слаб мирис на нафта и веднаш треба да го запре возилото и да го извести овластениот сервис. Поправката ќе биде бесплатна.
- Се работи за превентивна мерка, а возилото може да се користи до поправката, изјави Јозеф Балаж, портпарол на компанијата.
Истите поправки се однесуваат на 300.000 сопственици на „фолксваген“, „ауди“, „шкода“ и „сеат“ во светот. Проблемот е кај некои производители на делови за Фолксваген. Досега не се регистрирани случаи поради таа грешка да се запали моторот.