Редно време е да го претставам возилото што секогаш ми предизвикува насмевка и посебно задоволство во возењето.
Се работи за Renault Megane RS 250 Cup, 2011 год, во боја Capsicum Red. Во моја сопственост од крај на февруари 2024. Моментално има отприлика 158 000 км поминато.
Има попречно монтиран 4 цилиндарски 2.0 турбиран бензински мотор, со ознака F4Rt 874 кој испорачува 184 kW (250 PS) @ 5500 вр/мин и 340 Nm @ 3000 вр/мин. Не се (се уште?) чепкани перформансите на моторот. Ако евентуално се одлучам на такво нешто, би се одело потемелно од обично ремапирање/stage 1 и би размислувал и околу катализаторот, интеркулерот и слично.
Бидејќи се работи за Cup шасијата на Megane RS 250, има некои разлики од обичниот Megane RS 250. Најголемите разлики се во покрутата шасија, пониска и покрута амортизација (спирали, амортизери, балансштангли) како и во диференцијалот во менувачот. Cup шасијата има механички LSD, што прави голема разлика при возење во кривини и дава сигурност и стабилност. Буквално како на шини да е.
Мојот примерок има кожни Recaro кадици со рачна регулација. Многу се удобни, потврдено од мене и passenger princess на досега најдолгото патување со Меганот, Скопје - Атина - Скопје. Еве и поглед навнатре, во една малку романтична пригода.
Покрај обичниот работен режим, Меганот има и двостепен спортски режим и RS Monitor.
Со вклучување на спортскиот режим се активира друга мапа и се менува динамиката на возилото, со можност за регулирање на осетливоста на педалата за гас. Перформансите се исти, само начинот на којшто се реализираат е подруг. Во спортскиот режим побргу и поагресивно се постигнуваат истите.
Во првиот степен на спортскиот режим, ESP системот е во спортски режим и дозволува поагресивно возење со помалку интервенции, додека во вториот степен целосно се исклучува. Интересно нешто што го забележав после некое време е тоа што кога возилото е во спортски режим има фабрички pop, што ме изненади.
RS Monitor системот е многу интересен и овозможува увид на доста параметри и преку него се регулира осетливоста на педалата за гас. Дава увид на притисокот кој го развива турбината, % на отвореност на лептирот, перформанси во њутнметри и коњски сили, приказ на тековната брзина на менувачот и која мисли дека е оптимална, притисок во системот за кочење, температура на моторното масло и температура на усис, бројач за кругови за на стаза, со показател за најдобриот круг, бројач од 0-100 km/h како и 0-400 m и график за G силите. Немам моментално некои слики при рака за да ви доловам како сето тоа изгледа. Во некоја друга прилика ќе закачам и такви. Во меѓувреме, кој е нетрпелив, може да ѕирне на YouTube.
Во делот за регулирање на педалата за гас, има 5 нивоа на подесување. Според мене, четвртиот, спортски осет е идеален за повозбудливо возење, додека вториот (прогресивен) и третиот (линеарен) за помирно градско возење, посебно во гужви. Исто така може да се подеси и кога да известува за менување на брзината, т.е. на колку вртежи од граничникот. На пример, со подесување на 0, ќе има звучно и светловно предупредување на 6500 вртежи/минута.
Покрај почестите и редовни инвестиции во иднината на Макпетрол, ги имам направено следните работи, хронолошки после купување на Меганот:
- Генерална проверка и мал сервис (моторно масло, филтри за масло, полен и воздух) во Аутомотив
- Нови гуми Uniroyal RainSport 5 225/40R18 (старите беа поприлично излижани, сесезонски Pirelli Cinturato)
- Комплет ново Osram осветлување во фаровите
- Голем сервис (термостат, водна пумпа, комплет гарнитура на ребраст и пк ремен, антифриз) во Аутомотив
- Целосна промена на Brembo дисковите и плочките, исти какви што одат фабрички со возилото. Многу скапо беше во Аутомотив, па сам си ги набавив и промената беше направена во Ауто Мазак
Тука некаде има и нешто поситно како патосници и слично, ама ќе треба да се консултирам со тефтерот. Не е до толку важно тоа.
Веќе подолго време чекаат на ред R.S. Performance армирани црева за кочниците и Motul RBF 660 глицерин за промена. Кога би се нафатил околу ова, би се прегледале шепите, мислам дека добро ќе дојде да се освежат водилките и по потреба гумиците.
Имам многу размислувано за што сакам понатака и плановите многу варираат, од одржување во форма и поблаги работи, до екстремни модификации. Ќе гледам да известувам како што ќе се случуваат работите, да не зборувам на празно.
За крај, би сакал да споделам еден од поклоните што ги имам добиено:

Поклон од девојката, најверната сопатничка
