Ревитализираниот суперавтомобил NSX веќе се продава во САД по цена од околу 150.000 долари. Првиот произведен примерок од моделот сепак е продаден за приближно 8 пати повисока сума.
Викендов, на аукција на Barrett-Jackson наддавањето за моделот со број на шасија # 001 достигна 1,2 милиони долари. Финалното наддавање го направил Рик Хендрик, сопственик на тим во NASCAR и поранешен тркач во овие серии.
Хендрик има богата колекција на автомобили, а повеќето од нив се или првите изданија, или последните. Таквите автомобили се особено барани, а нивната цена расте со секоја измината година.
Меѓу автомобилите на Американецот се првата произведена Corvette Z06 Coupe од 2015 година (1 милиони долари), првата Corvette од 2014 година (1,1 милиони долари), првото Camaro ZL1 од 2012 (250.000 долари ) и последното BMW M5 30 Jahre (700.000 долари).
Исто како и за претходно наведените автомобили, сумата платена за првата Acura NSX ќе биде наменета за добротворни цели, се наведува информацијата на аукциската куќа Barrett-Jackson.
Втората генерација на Acura NSX која во Европа ќе се продава под брендот Honda, користи хибриден погонски агрегат. Во неговата основа е специјално развиен 3.5-литарски твин-турбо V6 мотор со 507 КС и 550 Nm. Агрегатот работи со 9-степен автоматски менувач со две спојки, а е помогнат од електромотор со моќност од 47 КС. Погонскиот агрегат располага со уште два електромотори, кои се лоцирани помеѓу предните тркала. Тие се напојуваат од комплет литиум-јонски батерии. Така, хибридниот систем со погон 4х4 – Sport Hybrid Super Handling All-Wheel Drive, располага со вкупно 580 КС и 644 Nm.
Сето ова на автомобилот со вкупна тежина од 1.725 килограми му овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за околу 3 секунди. Максималната брзина на возилото е 307 km/h.
Цените на моделот во САД почнуваат од 156.000 долари, а со максимален пакет на опрема примерок чини не повеќе од 205.700 долари.
http://www.dodajgas.mk/prvata-acura-nsx-prodadena-za-1-2-milioni-dolari/