Ме интересираше чисто од математички аспект, како функционира системот на кладилниците, односно кој трик го користи куќата за секогаш да победува. Па почнав да ги разгледувам коефициентите. Еве до кој заклучок стигнав.
Земете два типа кои ги опфаќаат двете можни разврски, пр 1 и Х2. За полесна математика, земете двата да имаат коефициент под 2. Самиот факт што можете да најдете вакви типови е доказ дека кладилницата ве лаже кога кажува дека кај нив ќе добиете фер игра.
Доколку играта беше фер, тогаш тип за кој компјутерите пресметале 50% шанса за исполнување, треба да има коефициент 2. Ако за 1 имате 50% шанса да го фатите, тогаш и за Х2 треба да имате исто така 50%, односно 50+50=100%, затоа што мора да биде или едното или другото. Но никаде не најдов 2 коефициент на двете. Во случаевите кога беа изедначени двата коефициенти, обично се движеа околу 1.9. Ова го сретнав кај сите натпревари, од сите спортови, во неколкуте билтени од различни кладилници во кои проверив. Кога едниот коефициент е 2, другиот обично е околу 1.8. Истото се случува и кај поголемите и помалите коефициенти. Пр. фер би било да е 4.5 но кладилницата го поставува 4, или треба да биде 1.15, но е 1.05.
Каков е ефектот на ова намалување? Доколку предвидувањата на компјутерите се добри во најголем дел од случаите, а верувам дека се, затоа што без тоа ништо од бизнисот, кога вие ќе ставите сингл со 50% веројатност за фаќање и доволно долго време го играте истото, ќе добиете во просек околу 50% од уплатите. Проблемот е што поради намалените коефициенти, секогаш кога ќе фатите ќе си вратите само околу 90% од вложените пари. За да завршите на нула, односно без добивка, но и без загуба, треба да имате среќа и да фатите нешто над 50%.
Системот е така поставен што вашето познавање на спортот за кој типувате е тотално неважен. Кладилницата ви дава илузија дека се обложувате против неа, но всушност ве остава да се кладите против тие кои ќе стават тип спротивен од вашиот. Тие само зимаат провизија од вашите добивки, како посредници.
Уште по страшно е кога ќе ставите повеќе типови на едно ливче.
Ако ставите 5 типови од 1.9 ќе добиете коефициент од 24.76, наспроти реалниот коефициент кој е 2^5=32. Веднаш ќе приметите дека 32 е многу пати поголем од 25, отколку што 2 е од 1.9.
Ако ставите 10, тогаш 1.9^10=613, а 2^10=1024. Веќе разликата станува огромна. Како ставате се повеќе натпревари на едно ливче, грабежот е се поголем, односно веќе не е можно да сте до толку среќен, за да не бидете во загуба.
Единствен начин да заработите е да учествувате во местењето на натпревари.