Нов компјутер или фрижидер мора да добиете од страна на трговецот ако ви се расипе купениот во првите петнаесет дена од гарантниот рок. Блузата што во излогот ви се гледала интересна, а дома сте сфатиле дека не ви се допаѓа, ќе може да ја вратите и да ги добите вашите пари. Ако, пак, не сте задоволни од кабелскиот и од телефонскиот оператор, ќе можете договорот да го раскинете кога сакате, без да плаќате пенали. Ова не е првоаприлска шега, туку реалност, која од в година ја носи новиот Закон за заштита на потрошувачите, кој веќе се подготвува во Министерството за економија. Законот е правен по урнек на европските закони и тамошните трговци веќе на големо негодуваат за одредени одредби. Надлежните велат дека потрошувачките права уште в година ќе станат европски и дека конечно потрошувачот, наместо трговецот, ќе биде на прво место.
Потрошувачот (не) е секогаш во право
- Нов закон за заштита на потрошувачите е предвидено да се подготви во рамките на ИПА- проектот за хармонизација на законодавството на полето на заштитата на потрошувачите. Планирано е да почне со реализација кон крајот на годината, а законот е предвиден да се донесе во ноември 2015 година. Во новиот закон ќе бидат инкорпорирани сите директиви кои се однесуваат на заштитата на потрошувачите, со што ќе преземат и најновите директиви од ЕУ- велат во Министерството за економија.
Освен законот, ќе се донесат и нови правилници, кои ќе ги штитат потрошувачките права. Нови правилници ќе се носат од страна на Агенцијата за храна, од Агенцијата за електронски комуникации, од страна на Државниот пазарен инспекторат и други државни институции.
- Во сите правилници ќе биде внесен новиот закон, со кој се засилуваат потрошувачките права - велат во Министерството.
Според досегашните прописи, доколку производот се расипе, во никој случај потрошувачот не можеше да си ги врати парите. Трговецот беше должен апаратот да го однесе на поправка во сервис, а нов апарат можеше да се добие само во случај ако сервисерот каже дека апаратот што се расипал не може да се поправи. Искуствата кај нас велат дека и покрај поплаките, речиси секогаш потрошувачите го извлекувале подебелиот крај.
- Kупив фен од еден од големите трговски маркети за бела техника. По второто вклучување, буквално се запали. Немаше поминато ниту една недела откако го купив. Со фискалната сметка и со гаранцијата се обидов да го вратам со надеж дека ќе добијам нов. Но, продавачот ми рече дека единствено можам да го однесам кај овластениот сервис. Така и сторив. Чекав одговор повеќе од еден месец и го добив истиот фен назад. Се расипа повторно по извесен период - вели скопјанката Виолета Стојановска.
Време е за нов закон
Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека нашиот закон е зрел да се замени и тоа што поскоро.
- Законот за заштита на потрошувачите на Македонија претрпе веќе четири измени. Во меѓувреме излегоа и неколку брошури за заштита на потрошувачките права, кои треба да се имплементираат во него. Затоа како организација што ги штити потрошувачите сметаме дека треба да се донесе што поскоро - вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ.
Според планираното, се очекува проектот да почне да се реализира во септември годинава. Целта на проектот е да се подобри заштитата на потрошувачите со нова регулатива и со јакнење на капацитетот на владините и на невладините институциите вклучени во овој процес. Проектот се состои од две компоненти. Првата опфаќа натамошна хармонизација на потрошувачкото законодавство со цел приближно иста заштита на потрошувачите како во ЕУ. Втората компонента опфаќа директна финансиска поддршка на невладините организации од областа на заштита на потрошувачите. Со овие пари треба да се зголеми свеста за правата на потрошувачите, да се воспостават процедури за алтернативно решавање на споровите и на жалбите на потрошувачите.
LosiPatista