НОВИТЕ ТАБЛИЧКИ ЧЕКААТ ТЕНДЕР
Нема обврска за замена на старите таблички
На предната табличка може да се испише натпис по желба на сопственикот, составен од три до девет црни букви и броеви. Може да се стави и тире наместо една буква или бројка. Натписот не може да биде провокативен, неетички или спротивен на правниот поредок на Македонија, предвидува Правилникот

Новите регистарски таблички ќе стартуваат откако ќе заврши тендерот за нивна набавка, што деновиве ќе го распише Министерството за внатрешни работи. Граѓаните не треба да се грижат, порачуваат од МВР, зашто комбинации од букви и бројки за постојните таблички има за до крај на година.
"А дотогаш ќе заврши тендерот, по што ќе се знае и цената на новите регистарски таблички", вели Иво Котевски, помошник-министер во МВР.
Сепак, Министерството си дало фора од шест месеци за да ги применува новите таблички. Во Правилникот за формата, содржината и начинот на издавање на табличките, објавен во "Службен весник" од 10 август, стои дека ќе почне да се применува по шест месеци од влегувањето во сила.
Со Правилникот не е предвидена обврска за замена на старите со нови таблички.
"Доколку граѓанинот со стари таблички сака да ги замени постојните, може, но задолжително, нови таблички следуваат при прва регистрација на моторно и приклучно возило, при промена на регистрационо подрачје - на пример, ако автомобилот има таблички од Прилеп, а се регистрира во Струмица, како и при замена на изгубени таблички", објаснуваат во МВР.
Новите таблички наместо како досега три ќе имаат 4 бројки и две букви, со што десетпати се зголемува можноста за комбинирање. Ќе бидат стандардизирани со табличките што се употребуваат во земјите на ЕУ, што значи ќе имаат поголема заштита и сигурност од фалсификување.
По барање на сопственикот, на предната табличка може да се испише натпис по желба, составен од три до девет црни букви и броеви. Може да се стави и тире наместо една буква или бројка. Натписот не може да биде провокативен, неетички или спротивен на правниот поредок на Македонија, предвидува Правилникот.
Иако се најавуваше воведување нови ознаки за неколку града, списокот на ознаки е непроменет и содржи ознаки за 17 регистрациони подрачја.
(А.С.)
Празно местото за ознаката на ЕУ
Правилникот предвидува металните таблички да бидат прекриени со ретрорефлектирачка фолија во бела боја, на која со црни букви и броеви се испишани регистрационото подрачје на латиница, регистарскиот број од 4 броеви и две букви на латиница. Табличката содржи сино поле во кое во долниот дел е испишана националната автоознака за Македонија, а во горниот дел е оставен празен простор за ознаката на Европската унија. Помеѓу ознаката на регистрационото подрачје и регистарскиот број е поставен црвена правоаголна подлога на која со жолти букви се испишани регистрационото подрачје и буквената ознака, на кирилица.