Одржувањето на возило со плински уред треба да се прави според препораките кои за тоа возило се дадени од страна на производителот на возилото. Тоа се однесува и на типот на резервни делови и потрошни материјали, и на самите интервали за одржување на возилото.
Значи, по вградување на плински уред не треба да се купуваат ,, специјални,, делови за возило со плински уред, како што се свеќички, филтри итн, а кои можат да се сретнат во трговската мрежа. Исто така, вграден плински уред не значи дека има потреба од пократки интервали за редовно одржување, како што се замена на свеќички, моторно масло, филтри...
Нешто поголемо внимание единствено е потребно во делот на одржувањето на електриката на автомобилот, особено кај постарите возила.. Неисправноста во делот на струјата, свеќички, кабли , бобини, ќе се почувствува побрзо и поинтензивно на плински погон. Во пракса, дотраен кабел ќе предизвика ,,сецкање,, на плински погон десетина денови пред да предизвика ,,сецкање,, на бензиски погон.
Од друга страна , се соочуваме и со екстремни размислувања и во сосем друга насока, дека по вградување на плински уред веќе нема потреба од одржување на самото возило и бензискиот дел на моторот. Понекогаш е многу тешко да успееме да објасниме дека плинскиот уред е секундарен систем поставен на моторот, и директно зависи од исправноста на примарните системи чија исправност е предуслов за добра работа на моторот и на бензиски и на плински погон.
Ова се општи препораки за одржување на возило со вграден плински уред. Ви стоиме на располагање за прашања на оваа тема кои евентуално би сакале да ги поставите, ќе се потрудиме да дадеме корисен одговор.