Драги форумџии и за нијанса подраги форумџики (иако скоро ве нема).
Дојде време за моето годишно обраќање кон членовите на форумот, со краток извештај за генералната состојба на заедницата и плановите за понатаму, како и апел за некои суштински промени.
Прво - убавите работи! Меѓу другото, минатата година ја завршивме со 26 тестови на автомобили - највеќе од сите автомобилски медиуми во Македонија, а оваа година веќе објавивме 9 тестови а 10-тиот се крчка. За оваа година се планираат неколку настани, меѓу кои е и првиот собир кој веќе се планира и организира за средината на Април. CARclub мрежата ќе добие уште еден додаток кој се надеваме дека ќе биде интересен за сите, а истовремено расте и нашата заедница.
Од друга страна, се соочуваме со проблеми во самата заедница. И токму за овие работи сакам малку повеќе да позборувам (добро де, да пишувам).
Пред некој ден имаше забелешка дека атмосферата на форумот се претопува во взаемна нетрпеливост и едноставно станува непријатна. Како што сум правел и досега, ќе направам и овој пат, и ќе ги замолам сите членови да повнимаваат малку на своето однесување за форумот да остане тоа што треба да биде. Значи, да се намали ароганцијата, нетолеранцијата и елитизмот, а да се посвети малку повеќе внимание на главната тема за која сме сите тука - автомобилите!
Неколку пати јавно сме објасниле дека форумот е заедница која зависи од сите учесници - ако се претопиме во хаос, ќе го изгубиме форумот и она на кое сите му посветивме многу внимание. Не знам дали приметивте, ама ја надминавме бројката од 600.000 пораки на форумот! Со гордост можеме да кажеме дека го имаме еден од најголемите форуми во Македонија и дека имаме одлична заедница, која од време на време станува малку нервозна.
Јас сум неизмерно горд на CARclub и на сето тоа што успеавме да го направиме. Успеавме да докажеме дека можеме да изградиме не само заедница, туку и релевантен и читан медиум кој итекако допринесува за квалитетните информации околу автомобилите во нашата мала земја. Форумот е без сомнение заслужен за тоа, но навистина почнува да ми смета што се праи муабет за тоа кој си купил тренерки, наместо за најновите автомобили од Женева, или пак да се дискутираат возилата кои сме ги возеле на тест.
Знам дека и ние модераторите носиме огромна одговорност за овој хаос, и затоа ќе почнеме маааааалку построго да ги контролираме работите и ќе инсистираме да се следат правилата. Ќе обрнуваме повеќе внимание на бришење оф-топик пораки и непотребни муабети. Ништо лично кон никого, едноставно сакаме да се намали тупењето, мерењето к*рови и непотребното дрвење, а да се поттикне муабетот за автомобилите и околу нив. Сепак, ова е CARclub, а CARclub не е заебанција!
Имајте прекрасна вечер!