На мотодромот во Кичево на 12 јуни 2011 година ќе се вози првата трка од Шампионатот на Македонија во брзински мотоциклизам, скутери и супермото. Организатор на трката е МК Сакамото кој до оваа година функционираше под називот МК Цобо спорт.
Класите во брзински мотоциклизам се непроменети односно ќе се возат 125, 600 и 1000 кубни сантиметри, а кај скутерите за прв пат ќе се вози класата 50 кубни сантиметри стандард со што организаторот ќе им пружи шанса на сите кои имаат желба да почнат да се занимаваат со овој спорт, а сепак немаат доволно можности за спремање на скутерот. Освен стандардните скутери ќе видиме и трка во класата на правени спортски скутери односно 100 кубни сантиметри. Уште една новина е тоа што скутерите ќе возат на скратена патека која е долга 780 метри, за разлика од минатите години кога за овие трки се користеше целата должина на мотодромот од 2050 метри.
Најзначајната новина е тоа што за прв пат во Македонија ќе се вози трка од дисциплината супермото, која во светски рамки зазема се позначајно место во мото спортот. Натпреварувачите кои ќе настапат во дисциплината супермото ќе бидат поделени во две класи до 250 кубни сантиметри и класа опен.
Квалификациите започнуваат во 11 часот, а стартот на трката ќе биде во 14 часот.