Малку е проблематично ако свесно се ставиме во дупката "кој формат е вистински/правилен/најдобар" наспроти "ајде да слушаме музика".
Грамофонот ќе ми биде мене секогаш примарен извор, затоа што, за извор со врвен квалитет, има релативно прифатлив однос (1) цена, (2) сложеност на користење и (3) достапност на музика, особено во споредба со магнетофони и магнетофонски ленти. Но се повеќе се соочувам со проблемот дека достапноста на музиката, особено последнава година, е проблематична на физички носачи на звук. Едно поради тоа што не издаваат често, и друго поради тоа што сме таму каде што сме географски, и се е сложено за нарачка и испорака.
Од друга страна, стриминг сервисите се достапни сега, секаде и веднаш. Со тоа што, за и малку да се приближат на грамофон во добар систем, Spotify веднаш мора да се исфрли од игра. Тука доаѓаат предвид Qobuz и Tidal, евентуално Amazon Music HD.
И ако се посвети доволно внимание, време и енергија во имплементација на добар дигитален ланец, искуството е прилично задоволувачко. Да не кажам дека каталозите на музика (физички носач и ефемерална форма) се надополнуваат. Единствен проблем на тој пристап е што има почетен трошок на кој човек треба да се посвети за да добие слично (но не идентично искуство).
Ова подразбира имплементација на
Roon ланец со посебна мрежна точка и годишна претплата, претплати на Tidal и Qobuz, и дополнително локално сместување на музички датотеки. Сето тоа во комбинација со таблет за контрола, кој го дава чувството на прегледување грамофонски омоти (но со многу повеќе информации).
Оваков комбиниран пристап овозможува и да се ужива во музиката како настан, и да е лесно и едноставно за користење на целото семејство (не можам да се сетам кога сопругата сама си го пуштила грамофонот, иако редовно пушта Tidal преку дигиталниот ланец).
Сакам да речам... и двата пристапи се прифатливи, и онака е најважна музиката на крај.