Ефективен мотор бара добро снабдување до ладен воздух и кислород, оптимална смеша со гориво и добра свеќичка за да ја запали истата. Двете главни компоненти на свеќичките се:
• Керамичко куќиште кое служи како изолатор и
• електрода во центарот и контакт за маса со блокот на моторот.
Керамичкото куќиште овозможува искрата да се создаде на врвот на свеќичката, т.е. да не настане краток спој со блокот на моторот додека струјата не дојде до врвот, бидејќи се работи за многу високи напони (илјади волти).
Бидете внимателни со НТ каблите и никогаш не ги гибајте додека моторот работи.
...најпрво да се потсетиме што се случува во внатрешноста на моторот; вшмукувањето на воздух има голем ефект врз експлозијата при согорувањето. Секое ограничување на вшмукувањето ќе влијае на ефикасноста на согорувањето, т.е. колку повеќе воздух се вшмука, толку повеќе гориво може ефективно да согори.
Но пред сè ви треба силна искра. Снабдете се со добар комплет свеќички кои имаат малку поголем зазор меѓу електродите од фабрички препорачаните.(некои тунери го зголемуваат зазорот дури и за 20% до 50% !)
ФАКТ: Добрите свеќички ќе ја максимизираат моќноста и економичноста на моторот. Малку поголем зазор и бобина што дава повисок напон ќе овозможат поголема искра.
Исто така со поставување на свеќичката со зазорот свртена кон всисните вентили се зголемува ефикасноста на палењето на горивото. (додека свеќичката сеуште не е поставена на моторот , со фломастер на врвот на керамиката означете ја страната на која е зазорот така што ќе можете да видите на која страна е свртена свеќичката кога ќе ја ставите на моторот. Обично сите свеќички се разликуваат, па затоа доколку кога ќе се затегне на моторот, обележаното не е на страната на всисните вентили, извадете ја свеќичката и свртете ја за 45 степени пред пак да ја ставите. Пробувајте додека не се порамнат.)
Искрата секогаш оди по најкраткиот пат, па затоа на свеќички со 2, 3 или 4 електроди, зазорите мора да бидат микрометарски прецизни, бидејќи инаку искрата секогаш ќе оди само на една иста од електродите и ќе „добиете“ свеќичка со една електрода. Сеуште е под знак прашалник дали свеќичките со 3 или 4 електроди придонесуваат во зголемувањето на перформансите.
НТ (high tension) кабли за високи перформанси.
Неисправни НТ кабли нема да предизвикаат послаба искра, туку нема да се создаде воопшто, па затоа ако доколку имате нерамномерна работа на моторот при ЛЕР ГАС или кога во некој цилиндер не се пали смесата (misfire), проверете ги каблите. Виткање и усукување на каблите доведува до нивно оштетување.
ФАКТ: Комплет на квалитетни НТ кабли ќе ја намали веројатноста за грешки при високи температури, но НЕМА да ги подобри перформансите на моторот.
Каблите треба да имаат најмал можен внатрешен отпор и исто да имаат електромагнетна заштита за да се оневозможат пречки во работата на другите електрични системи во автомобилот (како ECU, музичкиот систем итн.) Кабелот треба да се одбере според напонот, затоа што погрешни големини на јадрото доведуваат до проблеми со отпорот и прекумерно загревање (топење) на каблите. Спортските кабли обично имаат пречник со големини и до 8,5mm, додека оние за уличен тунинг би можеле да поминат со пречник со големина 7mm или 8mm.
Бобина (индукционен калем) за перформанси
Како што адаптерот ја трансформира струјата од 220 волти до, на пр. 5 волти за полнење на мобилен телефон, така бобината ќе го зголеми напонот (во некои инсталации и до 40000 волти) овозможувајќи создавање на искра меѓу зазорот на електродите на свеќичките (врвот и пипалката). На некои мотори може да се најде и инсталација со по една бобина на секоја свеќичка. Неисправна бобина може да го намали напонот до ниво да не може да се создаде искра за да се запали смешата. Спортските бобини даваат поголем напонот од обичните и овозможуваат формирање на поголема искра, т.е. можност да се користат свеќички со поголем зазор.
Подесувањето на палењето е критично; предвремено палење доведува до оштетување на моторот, а касното палење доведува до намалување на компресијата/ефикасноста бидејќи кога ќе настане експлозијата издувниот вентил е веќе подотворен може да се предизвика оштетување на катализаторот (каталитичкиот конвертор) па и на целиот издувен систем во целина.
Потребно е формираната искра од свеќичката да се изложи кон што поголем дел од компресираната горивна смеша. Во идеален случај електродите ќе бидат најмали што може, напонот најголем што може. Технологијата за изработка на свеќички значително напредуваше низ годините, па резултат е производството на свеќички со ИРИДИУМСКИ врв и многу фини електроди, кои не губат на перформанси и до 65000km и се врвни проводници на електрицитет.
Одржување на системот за палење
Квалитетно и рамномерно снабдување со струја е основа за добра и силна искра, затоа обично општите проблеми во постарите автомобили се предизвикани поради лоша конекција со маса (т.е. конекција со минус електродата на акумулаторот). Постојат регулатори (стабилизатори) на напон кои овозможуваат постојан напон цело време.
Доколку имате моќен звучен систем и други електрични додатоци и акумулатор со помала стартна струја(моќ), на ладен време можно е да откаже, додека оној со поголема стартна струја иако има ист напон (12 волти) е поотпорен на екстремни услови и би требало да се држи доста подобро.
Уверете се дека свеќичките се чисти и во добра состојба, бидејќи контактите со време може да оксидираат или покријат со слој од нечистотија (глазура), а со тоа да се намали спроводливоста (поскапите свеќички се поотпорни на глазура и нема потреба да се проверуваат подолг временски период).
Значи, на отприлика секои 6 месеци би било добро, обичните свеќички да се исчистат со метална четка и фина брусна хартија. (не се мисли на иридиумските или „перформанс“/свеќичките со долг живот). Со ова ќе се задржи спроводливоста на контактите и овозможи силна искра, па со тоа и задржување на перформансите и економичноста.
www.tuning.mk